Немањето поддршка во мрежата од хидро производството и дефектите во далноводите се главната причина за прекините во напонот на струјните трансформатори, поради што денеска напладне останаа без електрична енергија делови од скопските населби Центар, Карпош, Тафталиџе, Ѓорче Петров и Капиштец, некои по 15-тина минути, а некои и подолго време, велат од Македонскиот електропреносен систем оператор (МЕПСО).
Оттаму посочуваат дека Прекините на напојувањето во Скопскиот регион се резултат на неможноста да се ангажираат резервите кои не им биле ставени на располагање од АД ЕСМ. Поради тоа, како што информираат од МЕПСО, не можеле навремено да ја растоварат електронапонската мрежа и напонската поддршка со ангажирање на хидроелектраните, кои секоја година се користат како резерви за обезбедување на сигурна и стабилна работа на електроенергетскиот систем.
„Сакаме да напоменеме дека вакви дефекти поради зимски услови за работа на елементите од електропреносната мрежа се случувале и ќе се случуваат“, велат од МЕПСО.
Тие додаваат дека вкупното моментално производство на електрична енергија приклучено на мрежата на АД МЕПСО изнесувало околу 400 мегавати, и тоа од термоцентралите ТЕ Битола 2 и ТЕ-ТО како и од ВЕЦ Богданци.
„Притоа во мрежата немаше ангажирано хидро производство, поради тоа што истото не беше предвидено од страна на АД ЕСМ во дневниот возен ред. Ова значи дека не беше ставена на располагање системската резерва, односно резервата за секундарна и терциерна регулација од хидроелектраните, кои се основна алатка за обезбедување на сигурна и стабилна работа на електроенергетскиот систем“, соопштија од МЕПСО.
Додаваат дека, со цел превентивни активности за подобро снабдување во претстојната зима, биле исклучени следните 110 киловолтни (кв) далноводи: Ѓорче Петров – Скопје 1, Скопје 4 – Велес и Фенимак – Дуброво.
АД МЕПСО објаснува дека во 11 часот и 58 минути поради дефект испаѓа 110 кв далновод Скопје 4 – Скопје 3, што предизвика пад на напоните во скопскиот регион на 110 кв страна, посебно во Скопје 3 до вредност од 75 кв и зголемен проток на електрична енергија преку далноводот Јегуновце – Скопје 3. Потоа испаѓаат 110 кв далноводот Јегуновце – Скопје 3 и 110 кв далноводот Сопотница– Битола 1. На далноводот Јегуновце – Скопје 3 евидентиран е дефект на една фаза, за што испратена е далекуводна екипа да го санира.
„Поради пад на напонот испаѓаат трансформаторите на ЕВН дистрибуција во Запад и Козле, при што потрошувачите приклучени на овие трафостаници останаа без напојување. Со ангажман на стручните екипи на АД МЕПСО во 12:07 часот вклучен е далекуводот Скопје 4 – Скопје 3, со што се подобрија напонските прилики во регионот и се нормализираа тековите на моќност“, информираат од МЕПСО.
Додаваат дека, според информации од ЕВН Дистрибуција, регулационите преклопки на трансформаторите во Запад и Козле останале заглавени во положба за максимална регулација на напон, поради што операторите од ЕВН Дистрибуција не биле во можност да ги вклучат. Екипи рачно и на лице место ги ослободиле регулационите преклопки и после интервенцијата, конзумните подрачја постепено се обезбедени со напојување со електрична енергија.