Голема толпа граѓани се собраа пред Бакингемската палата во Лондон за да оддадат почит кон британската кралица Елизабета Втора, пренесе Си-ен-ен.
Додека веста за смртта на кралицата Елизабета Втора се рашири низ Обединетото Кралство, луѓето дојдоа до кралската резиденција за да положат цвеќе и да запалат свеќи.
Николас Плеер (41), туристички водич во Лондон, рече дека „почувствувал морници“ кога слушнал дека лекарите се загрижиле за здравјето на кралицата порано во текот на денот.
„Таа е баба на нацијата, навистина… Таа е дел од сечиј живот“, изјави тој за Си-ен-ен зборувајќи за кралицата, чие владеење траеше седум децении.
Откако направи обиколка утрото, тој рече дека се вратил пред Бакингемската палата за да чека новости за здравјето на кралицата, со претчувство дека е „важно“ да биде присутен пред нејзината главна резиденција.
Тој импулс го почувствувааа многумина – како што доаѓаше попладнето, сè повеќе луѓе се собираа пред портите на познатата палата, под балконот од кој кралицата ја поздравуваше јавноста во толку многу прилики во текот на нејзиниот живот.
Како што се зголемуваше гужвата во текот на денот, така се зголемуваше и неизвесноста.
Сју и Мајкл Енсор, 69 и 73, вчера беа во посета на Лондон, а потекнуваат од јужниот дел на Англија.
„Кога слушнавме дека кралицата не е добро, помисливме да дојдеме веднаш“, изјави Мајкл Енсор за Си-ен-ен.
„Сакав да ја покажам мојата љубов кон кралицата. Не можам да одам во Балморал. Но, доаѓањето во Бакингемската палата е најблиску што би можел да бидам со неа. Да ми беше мајка, би сакал да бидам таму држејќи ја за рака“, рече тој.
„Една од причините зошто сакав да дојдам овде беше да се молам за неа“, додаде Сју Енсор. „Ние сме христијани и признаваме дека таа има многу силна вера“.
Како што завршуваше работниот ден, многу повеќе луѓе се придружија на толпата пред Бакингемската палата. Лекарите, терапевтите, наставниците и студентите изјавија за Си-ен-ен дека побрзале да бидат таму додека нестрпливо ја чекале следната објава.
Околу 18 часот и 30 минути по локално време, се стиша толпата бидејќи веста за смртта на кралицата се рашири од замокот Балморал во Шкотска.
Вработените во палатата набрзо ја потврдија веста, објавувајќи врамено писмо меѓу решетките од железната ограда на палатата. На него пишуваше: „Кралицата умре мирно во Балморал ова попладне“.
Диљит Каур Кундра (51) и неговата сопруга Камаљит Синг Кундра (50) од Ковентри, изјавија за Си-ен-ен дека дошле во Лондон на обиколка на Бакингемската палата, откако тоа утро направиле обиколка на замокот Виндзор.
Разбирајќи ја тежината на ситуацијата, Кундрас решија да се придружат на толпата надвор од Бакингемската палата по нивната обиколка. „Кралицата ги допре животите на сите, на многу генерации“, рече Камаљит Синг Кундра.
Многу други во толпата објавуваа постови на социјалните мрежи, вклучително и Инстаграм и ТикТок – сцени што би било невозможно да се замислат за време на крунисувањето на кралицата во 1953 година.
Како што наближуваше ноќта, толпата се зголеми. Луѓето почнаа да ставаат цвеќиња меѓу решетките на портите на Палатата. И покрај дождот, некои запалија свеќи, а оддавањео на почит кон починатата кралица продолжи до доцна во ноќта.