Државниот просветен инспекторат (ДПИ) е институцијата во која родителите можат да пријават насилство врз нивните деца што се случило на училиште. По пишувањето на „Мета“ на оваа тема, оттаму информираат дека во текот на една учебна година, при редовен или вонреден инспекциски надзор, просветните инспектори решаваат дури 13.000 предмети кои се однесуваат на овој и слични проблеми.

Во ДПИ не се води статистика за добиени претставки по години, за да може да се направи споредба и да се види тенденцијата, дали бројот на случаи се зголемува или се намалува. Сепак, најновото истражување на професорки на Филозофскиот факултет, покажа дека ситуацијата со психичко, физичко, сексуално и кибер насилство меѓу учениците, е алармантна.

– Во училиштата е забранет е секаков вид насилство. Во текот на годината решаваме околу 13.000 предмети при редовен или по вонреден надзор. Посебна статистика во однос на добиени претставки во однос на насилство во училиште не водиме, а секој случај се третира според својата специфика. Постапувањето во однос на насилство е регулирано со законите додека педагошките мерки се регулирани и се изрекуваат во согласност со подзаконските акти – информираат оттаму.

Во ДПИ потенцираат дека осудуваат секаков вид насилство во училишта.

– Ги охраборуваме раководните органи и стручната служба во училиштата, заедно наставниот кадар и со родителите да работат превентивно за да се спречи појава на било каков вид на насилство – додаваат оттаму.

Според член 170 од новиот Закон за основно обрзование, директорот на училиштето е соочува со казна до 500 евра ако се врши телесно, психичко и сексуално малтретирање и казнување на ученикот и понижувачко однесување и постапување кон него. Директорот се соочува со казна и ако не пријави насилство, злоупотреба и занемарување врз ученик до надлежните органи.

Директорот е должен да го пријави секој облик на насилство сторено врз ученик од страна на друг ученик, родител/старател, наставник, стручен соработник или кое било друго лице кое е вработено во училиштето, до надлежните институции.

Освен тоа, вработените во основните училишта се должни да промовираат еднаквост и правичност и активно да се спротивстават на сите облици на дискриминација и насилство. Добросостојбата на учениците и заштитата од насилство, мора да се планирани задолжително и во рамки на годишната програма за работа на училиштето.