Обемот на врсничко насилството не расте, но загрижува фактот што расте бруталноста во дел од
пријавените случаи. Во последните три учебни години, просечно се пријавуваат по околу 50 случаи на врсничко насилство годишно во училиштата, а една од главните причини е семејното насилство, како и недостигот од соодветна грижа за децата во дел од семејствата.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешната панел-дискусија на тема „Меѓуврсничко насилство и вандализам“, организирана во Охрид по повод утрешниот Меѓународен ден на младите – 12 Август истакна дека институциите на централно ниво, со поддршка на локалните самоуправи, граѓанскиот сектор и меѓународните партнери, работат на зајакнување на превентивните и казнените механизми.

„Очигледно е дека имаме предизвик и мораме да го решаваме. Ценам дека најважни во борбата против врсничкото насилство се превентивните активности. Затоа, со законските измени од минатата година ги задолживме училиштата во своите годишни програми да планираат активности за промоција на добросостојбата на учениците, заштита од насилство, злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, подобрување на комуникацијата и слично“, рече Јаневска.
Таа посочи дека се зајакнуваат и стручните служби преку ангажирање кадар таму каде што недостигал, а се вратени и дежурствата на наставниците за време на одморите во ходниците и училишните дворови, наместо оваа обврска да ја извршуваат ученици. Министерката информираше дека во соработка со „Телеком“ и УНИЦЕФ е изработен прирачник за справување со сајбер-булингот. Иако во МОН досега нема пријави за ваков вид насилство, прирачникот претставува корисна алатка за учениците, наставниците и родителите во препознавањето и спречувањето на интернет- насилството.
Во соработка со компанијата „Макпетрол“ е изработен и Прирачник за справување со врсничко насилство во училиштата, кој се темели на реални ситуации и примери за изнаоѓање соодветни решенија. Паралелно, со Коалицијата на младински организации – СЕГА, МОН работи на подготовка на национални стандарди за безбедни училишта.

„Анализите покажуваат дека една од главните причини за врсничкото насилство е семејното насилство, како и недостигот од соодветна грижа за децата во дел од семејствата. Затоа, заедно со МВР, Министерството за социјална политика,  демографија и млади и Комората на психолози, неодамна започнавме иницијатива за надградба на компетенциите на училишните психолози и наставници за препознавање семејно насилство и занемарување преку однесувањето на децата и спречување на нивна понатамошна трансформација во насилство насочено кон врсниците“,
информираше Јаневска.
Таа додаде дека се реализираат и директни средби со наставниците и родителите на учениците. Досега се посетени околу 30 општини, а активноста ќе продолжи и кон крајот на месецов.
Нагласи дека во собраниска процедура се законски измени со кои се предвидуваат парични казни за родителите и старателите на децата за кои ќе се утврди дека извршиле врсничко насилство во училиштето, но и за родителите кои одбиваат да соработуваат со училишните служби.