“Директорот е на боледување”, “одговорното лице е на годишен одмор”, “сите инспектори се на службено патување”, се неколку од фразите кои новинарите често ги слушаат и читаат како образложение од државните институции, кога сакаат да добијат одговори за важни прашања. Дали е ова начин на бегање од “давање одговор“, немање решение за одредени прашања или обид за замолкнување на темите од јавен интерес?

Според Горан Лазаров, добар познавач на прашањата околу транспарентност од невладината организација “Еуротинк”, ова се прави со цел замолкнување на теми што се актуелни и значајни за граѓаните.

“Оваа најчесто се случува кога функционерите сакаат да молчиме за некоја тема, за да подоцна воопшто да не мораат да одговорат за прашањата. Го злоупотребуваат боледувањето или годишниот одмори како можност за да го прескокнат тој период, темата да изгуби од актуелноста и потоа да не се бара никаква одговорност за тоа“ изјави за Порталб.мк, Лазаров.

Медиумската мрежа на Фондацијата „Метаморфозис“, „Порталб.мк“, „Мета.мк“ и „Вистиномер.мк“ реагираше неколку пати за ваквиот начин на функционирање на секторот за односи со јавноста. „Порталб.мк“ со месеци не успеваше да добие одговор од Државниот инспекторат за транспорт, бидејќи “директорот бил на годишен одмор”.
Слично искуство имаше и со Министерството за образование и наука, бидејќи “одговорното лице било на боледување”, и прашањата кои беа испратени по имејл останаа неодговорени.

„Мета.мк“ пред неколку дена реагираше јавно до Јавното претпријатие (ЈП) за Железничка инфраструктура – Железници на РСМ, бидејќи веќе три месеци не одговориле на поставените прашања за неколку важни проекти. Одговори за неколку различни случаи нема дадено и Министерството за животна средина и просторно планирање, особено во врска со издавање на одобрение за пристап во лабораторијата за реализација на тестирање од страна на ова Министерство.

Најдрастичен е случајот кога инспекторите не реагираа во врска со загадувањето на реката Вардар, поради тоа што сите биле „на службено патување”.

Според претседателот на Центарот за граѓански комуникации, Герман Филков, со слични случаи се соочиле и тие. Според него, сето ова не би требало да се случува, особено не во ова време кога технолошкиот развој и виртуелното информирање треба да се користи почесто од страна на институциите.

Потребата од информирање на граѓаните преку медиумите или граѓанските здруженија, за важни прашања, Филков ја препознава во тоа институциите дека функционираат со парите на граѓаните, и истите треба да информираат за начинот како ги трошат тие средства.

“Со такви случаи сме се соочиле и ние, но нас како баратели на информацијата или новинарите и граѓаните не не интересира дека некој е на одмор или отсуствува поради други причини и за него институцијата не определила замена. Се разбира дека во 21 век, физичкото отсуство и други слични отсуства не треба да бидат пречка за информирањето. Кога некоја институција не одговора на барање за пристап или за поставени прашања од новинарите, без разлика на причината, таа институција не само што има проблем со транспарентноста, туку и се однесува спротивно на регулативата. Не само Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, туку и другите закони вклучувајќи го и Уставот го подвлекува правото на граѓаните да бидат информирани за работењето на институциите. Тоа право произлегува од едноставна причина, бидејќи сите тие институции трошат пари на граѓаните и оттука тие треба да ги информираат граѓаните зошто го прават тоа. Бидејќи не може сите граѓани да се јават поединечно за информациите, институциите треба сами тоа да го прават било на директен или индиректен начин, преку новинарите, медиумите и граѓанските организации. Поради тоа, неодговарањето на прашањата на новинарите за информирање на медиумите и граѓанските организации подразбира скратување на правото на граѓаните да бидат информирани”, вели Филков.

Дека институциите треба да даваат отчет и да бидат транспарентни за медиумите заради граѓаните, оцени и Лазаров.Тој е дециден дека транспарентноста треба да биде систем, а не исклучок.

“Јавните институции треба да знаат од каде произлегува нивната одговорност и власт, дека се на тие позиции заради тоа што граѓаните ги поставиле таму. Не може одредено прашање кое е важно за граѓаните, да се биде поврзано само со еден поединец. Треба да постои систем на замена со кој секогаш ќе се знае кој е одговорен за односи со јавноста. Прашањата треба да бидат одговорени навремено, во текот на истата недела, истиот ден или час“, вели Лазаров.

Во меѓувреме, мрежата на медиуми на “Метаморфозис” и понатаму чека одговори за железничката инфраструктура и лабораторијата на Министерството за екологија. За овие случаи запознаен е и министерот за транспарентност и отчетност, Роберт Поповски.

Додека медиумите одморите ги претставуваат како причина за не давање одговор, во меѓувреме, според податоците на Еуростат, 61,2% од граѓаните на Македонија немаат можност да одат на одмор за една недела во некоја дестинација во текот на годината, поради економските услови. Бројот на тие што не можат да отидат на одмор бележи намалување во споредба со 2010 година од кога се води статистичка евиденција за земјата, кога тој процент бил 74,2.