Годишната архитектонска награда врачена на архитектите Димитриевска и Пазарџиевска

Фото: Кабинет на Претседател на РСМ

Претседателот Стево Пендаровски ја врачи големата годишна награда за архитектура за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2022 година, на Марија Димитриевска и Елена Пазарџиевска, авторките на проектот „Вила за современо домување, викенд населба на велешко езеро Младост“. Големата годишна награда се доделува во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а претседателот Пендаровски е покровител на традиционалната манифестација.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање истакна дека оваа манифестација дава извонредна можност да се фрли поглед врз актуелните случувања во македонската архитектура која ги одразува општествените, економските, технолошките и естетските тенденции на национално и меѓународно ниво.

„Посакувам и понатаму да опстојувате на своите убедувања и естетика не правејќи компромис и не компромитирајќи се без разлика на околностите и карактерот на времето во кои живееме. Впрочем, вие сте дел од интелектуалното и критичко јадро во општеството и таа своја улога не смеете да ја загубите или релативизирате“, порача Пендаровски.

Тој рече дека градителството во транзицијата кај нас е обременето од трката за брза заработка и посочи на дилемата со која се соочува секој архитект, како да се задоволи барањето на инвеститорите, а да не се згази врз сопствениот творечки талент и да се гради по мерка на човекот и неговите потреби. Пендаровски ги истакна новите генерации македонски архитекти, за кои рече дека се достојни наследници на нашата позната традиционална архитектура, која сведочи за нашето постоење, нашата култура, етика и хуманизам.