Во 2019 година била подобрена безбедноста на новинарите во земјава, иако сè уште е присутна политиката на неказнивост за насилство врз новинари, се вели во Годишниот извештај за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Северна Македонија за 2019 година што го објави Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

Во периодот од 2017 до 2019 година, ЗНМ во својот регистар вкупно забележал 27 напади кон новинари и медиумски работници и тоа во 2017 година вкупно 20, во 2018 година 3 и во 2019 вкупно 4 напади. Покрај четирите посериозни напади врз новинари регистрирани во 2019 година, ЗНМ забележал и 24 други закани и инциденти.

„За жал овој тренд драматично се влошува во 2020 година каде ЗНМ регистрира заклучно со ноември 14 посериозни закани по животот на новинарите од кои повеќето кон жени новинари и само една судска разрешница со правосилна пресуда“, се вели во соопштението на ЗНМ.

Извештајот за 2019 година нотира и неколку случаи на агресивен говор на политичари кои се на власт или во опозиција со елементи на омаловажување кон новинарите, како и неколкуте закани за тужби за клевета и навреда сериозно го нарушија нивото на слобода на изразување на новинарите и може да се сметаат како инструменти за заплашување на новинарите и медиумските работници. Отсуството на иницијатива на Основното јавно обвинителство да преземе активности по службена должност за случаите за кои алармираше новинарската заедница дополнително негативно се одрази врз прашањето на безбедноста на новинарите. Позитивно можат да се оценат само напорите на МВР да спроведе брза истрага за поголем дел од случаите на напади врз новинари, како и да воведе интерен регистар на напади врз новинари.

Лани, ЗНМ забележала два случаи на попречување новинари да известуваат од настани, се вели во Годишниот извештај. Во првиот случај, новинарска екипа на МРТ била попречена да известува од дворот на црква во населбата Лисиче во Скопје, за време на велигденските празници, „поради присуство на висока делегација“. Во вториот случај, вработените во Министерството за образование и наука не дозволиле присуство на новинарите кои сакале да ја следат седницата на која Дисциплинската комисија требала да расправа за работата на еден од просветните инспектори.

Во 2019 година ЗНМ констатирало два случаи во кои било загрозено правото на заштита на тајноста на изворите од страна на извршната власт, се наведува во Годишниот извештај.

Понатаму во извештајот се нотира дека во текот на 2019 година не е регистриран обид од Владата или од друг државен орган да цензурира и филтрира интернет-содржини, односно оценката е дека правото на слобода на изразување во интернет-просторот слободно се користи од страна на граѓаните, медиумските или други организации.

Од друга страна, според статистиката на ЗНМ во Граѓанскиот суд Скопје списокот на 25 активни предмети за клевета и навреда до крајот на 2019 година е зголемен за најмалку пет случаи, со што бројот на активни предмети е околу 30. За разлика од претходната година, во 2019 имало повеќе случаи кога високи партиски и државни функционери јавно упатуваа закани дека ќе тужат новинари за клевета и навреда.

„Во 2019 беа регистрирани вкупно 24 физички напади и закани против новинари, од кои половина беа случаи беа против новинарки“, се вели во Годишниот извештај на ЗНМ.

Основниот граѓански и кривичен суд во Скопје веќе трета година по ред не е во можност да даде детални информации во врска со фазата на постапување за предметите во кои новинарите се жртви. Нивното оправдување е дека новиот систем за водење на предметите (АКМИС) се базира на кодови, а не на имиња и на професии на странките. Исклучок е Основниот граѓански суд кој води неформален регистар за делата клевета и навреда.

„Неказнивноста кон сторителите останува висока и судска разрешница е констатирана во помалку од 10 отсто од регистрираните случаи, кои се вкупно 56 во периодот од април 2014 заклучно со декември 2019 година“, се вели во Годишниот извештај.

Посебни процедури за третирање на нападите врз новинарки не постојат во институциите. Во судско-обвинителскиот систем во Македонија не постојат посебни одделенија кои работат на истраги за случаите на прогон, заштита и обесштетување на новинари, со цел да се осигура нивната безбедност и да се спречи политиката на неказнивост. Специјални постапки не се применуваат ниту за случаи кога жртви на напади се новинарки.

„Судството и обвинителството никогаш не се пожалиле јавно дека предметите на новинарите не можат да ги водат ефикасно поради отсуство на човечки и материјални ресурси“, се наведува во Годишниот извештај.

Од ЗНМ и во објавениот извештај потенцираат дека потребни се интервенции во Кривичниот законик преку кои ќе се даде дополнително овластување на Јавното обвинителство по службена должност да постапува во одредени ситуации кога е повредено правото на новинарот за време на службена задача. На овој начин, би се решиле дел од предизвиците и би се поштедиле новинарите од скапи судски постапки кои не секогаш се во можност самостојно да ги иницираат.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.