Во Македонија годинава има 38 новорегистрирани лица со ХИВ/СИДА или во просек 2,1 лица на 100.000 жители, што е помало од просекот на Европската Унија од 5,3 лица на 100.000 жители. Бројот на случаи годинава е помал за 25,5 отсто споредено со истиот период од лани, кога беше регистриран 51 случај, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.

Од случаите годинава, најголем дел се од Скопје, а останатите случаи се од 14 различни градови од Македонија, а еден е странски државјанин. Годинава регистрирани се 8 смртни случаи поврзани со СИДА.

Според извештајот, од регистрираните случаи за оваа година, 37 се од машки пол, еден од женски пол,  просечната возраст на новите случаи е 35 години, а 73,7 отсто од случаите се на возраст од 20 до 39 години.

„Македонија е земја со ниска преваленца на ХИВ, од 1987 до 2025 година се регистрирани 726 случаи на ХИВ/СИДА, но во последните години се бележи нагорен тренд, 32 отсто од сите случаи се регистрирани во последните пет години. Кумулативно, од регистрираните случаи, 655 (90,2%) се од машки пол и 70 (9,6%) од женски пол. Високото пропорционално учество на машки лица во бројот на новорегистрирани случаи е тренд во изминатите 15 години“, нотира извештајот.

Дистрибуцијата по возраст укажува дека најзафатени се сексуално активни лица на возраст од 20-39 години кои чинат речиси три четвртини од дијагностицираните случаи, а на млади на возраст до 19 години отпаѓаат помалку од 2%

Во периодот од 1987 до 2025 година, вкупно 138 од дијагностицираните лица во Македонија починале поради причини поврзани со СИДА, што претставува стапка на смртност од 18,2%.  Со воведувањето на антиретровирусната терапија, преживувањето на лицата кои живеат со ХИВ е значително подобрено, во последните 10 години од 447 регистрирани случаи регистрирани се 33 смртни случаи што претставува стапка на смртност од 7,4%. Кумулативно, најголем број од случаите се со место на живеење во Скопје.

ХИВ останува главен глобален јавно-здравствен проблем, досега се регистрирани околу 44,1 милиони смртни случаи. Според извештајот на ИЈЗ, се проценува дека на крајот на 2024 година живееле 40,8 милиони луѓе со ХИВ, од кои 65% се во африканскиот регион на СЗО. Во 2024 година, околу 630 000 луѓе починале од причини поврзани со ХИВ и се проценува дека 1,3 милиони луѓе се здобиле со ХИВ.

„Не постои лек за ХИВ инфекцијата. Меѓутоа, со пристап до ефикасна превенција, дијагноза, антиретровирусен третман и грижа за ХИВ, вклучително и за опортунистички инфекции, ХИВ инфекцијата стана хронична здравствена состојба, овозможувајќи им на луѓето што живеат со ХИВ да водат долг и здрав живот“, посочува извештајот.