По катастрофалните шумски пожари што ја зафатија лани земјава, годинава состојбата со превенирање на шумските пожари е драстично подобрена. Во првите шест месеци од 2022 година, во земјава се регистрирани 69 шумски пожари, при што опожарена била површина од 733,02 хектари, додека опожарената дрвна маса изнесувала 4.621 метри кубни, информираат за Мета.мк од ЈП Национални шуми.
Во првото полугодие од годинава, причинетата штета од шумските пожари изнесува 43.218.277 денари, а трошоците за гаснење на пожарите биле 832.650 денари. Од ова јавно претпријатие допрва ќе ги сумираат податоците за месеците јули и август во однос на причинетата штета од шумските пожари. Сепак, врнежливото време и пониските температури на воздухот во август годинава овозможија бројот на шумските пожари и површината на уништените површини да бидат неспоредливо помали во однос на август 2021 година.
Колку за потсетување, лани само текот на четири месеци беа регистрирани 142 шумски пожари во земјава, при што во 2021 година настрадаа шумски пространства со површина од 11.420 хектари. За само четири месеци, шумските пожари предизвикале материјална штета проценета на над 37,6 милиони евра. Ланскиот неславен биланс значеше најголема шумска површина зафатена од пожари во изминатата деценија. Поголеми пожари имало единствено во 2012 година, кога во шумски пожари изгореле 19.312 хектари со насадени дрвја и друга вегетација во земјава.
Пожарите летово најголеми во изминатава деценија, проголтаа над 11.000 хектари шума [инфографик]
Инаку, бројот на шумски пожари и површините на вегетација кои ќе изгорат во пламените јазици директно влијаат емисиите на стакленички гасови кои Македонија ги произведува на годишно ниво. И последните податоци од Министерството за животна средина, говорат дека иако во секторот Шумарство емисиите на стакленички гасови се непредвидлив фактор на подолг рок, сепак најновите податоци за 2019 година бележат драстично зголемување на испуштањето на јаглерод диоксид од овој сектор. За разлика од 2016 година кога секторот Шумарство успеал да понира 1.320,6 гигаграми на јаглерод диоксид еквиваленти, во 2019 година, првенствено поради зголемениот број на шумски пожари, имало емисија на штетни гасови во атмосферата во пресметана вредност од дури 1.634,4 Gg. CO2-eq.
Со негативниот биланс на уништени пространства под дрвја од шумските пожари во минатата година, допрва треба да се пресмета влијанието коешто ги предизвиле тие врз климатските промени, односно колкави емисии на стакленички гасови биле предизвикани со минатогодишните шумски пожари. Во 2000 година, кога пожарите зафатиле големи пространства засадени со дрвја, емисиите на стакленички гасови се искачиле на рекордни 10.441,1 гигаграми на јаглерод диоксид еквиваленти.
Наспроти ова, директната заштита на шумите и оневозможувањето на шумските пожари, заедно со пошумувањето, значи поголем број на здрави дрвја кои ги апсорбираат стакленичките гасови во атмосферата и директно влијаат на намалувањето на ефектите од климатските промени кај нас, но и во светот.
Од ЈП Национални шуми за Мета.мк велат дека тие немаат сознанија за организирано палење на шумски пожари, но и додаваат дека постојат соодветни институции во земјава што треба да го истражат и докажат тоа.
Годинава нема пораст на бесправната сеча на дрва
Согласно обработените податоци со кои располага Секторот за заштита на шумите, надзор и внатрешна контрола, од ЈП „Национални шуми” велат дека регистрираните бесправни сечи на дрва годинава се идентични на минатата година.
„За период јануари до јуни 2022 година во регистрираните бесправни сечи согласно обработените податоци со кои располага Секторот за заштита на шумите, надзор и внатрешна контрола утврдена е бесправно посечена дрвна маса со количина од 9.382м3, а за сторените нарушувања-бесправни сечи, шумочуварската служба на ЈП „Национални шуми” има поднесено 98 прекршочни пријави и 19 кривични пријави“, информираат од ова јавно претпријатие.
Наспроти ова, за периодот од јануари до јуни 2021 година во регистрираните бесправни сечи утврдена е бесправно посечена дрвна маса со количина од 9.279 метри кубни, при што ЈП „Национални шуми” поднела 102 прекршочни пријави и 17 кривични пријави. Во согласност со ова, може да се заклучи дека нема пораст на бесправните сечи во 2022 година во однос на лани на ниво на ЈП „Национални шуми”.
Инаку, податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) за минатата година покажуваат дека бесправната сеча на дрвја се зголемила во споредба со 2020 година. Лани дрвокрадците успеале да исечат 29.800 метри кубни дрва на нелегален начин, што е за над 10.000 метри кубни повеќе во однос на 2020 година.
Лани пожарите ги покосија македонските шуми, но и за дрвокрадците имало повеќе работа [инфографик]