fbpx

Годинава ќе се инвестираат над 31,7 милиони евра во железничката инфраструктура

-

Почеток на изградбата на пругата Бељаковце – Крива Паланка, завршување на изведбата на железничката делница Куманово – Бељаковце и почеток на реконструкцијата на железничките станици на Коридорот 8 се трите главни проекти што планира да ги реализира Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ во 2020 година. Во изградба, реконструкција и надградба на железничката инфраструктура за годинава се предвидени над 31,7 милиони евра, се наведува во Бизнис планот на ова јавно претпријатие за 2020 година.

Од речиси 44 милиони евра, досега се реализира 24,9 милиони евра од проектот за реконструкција и рехабилитација на пругата Куманово – Бељаковце. За првата фаза од железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија во оваа година ќе се издвојат 6,6 милиони евра, додека преостанатиот дел од средствата за изградба на пругата ќе се потрошат во 2021 година. Оваа година е предвидено во целост да се заврши експропријацијата на земјиштето по кое минува трасата на оваа железничка делница.

Податоците од Министерството за транспорт и врски покажуваат дека до крајот на 2019 година биле завршени 64 отсто од пругата Куманово – Бељаковце. Оваа железничка делница долга 30,8 километри требаше да биде завршена лани, но рокот за изведба се пролонгираше за крајот на 2020 година.

Како што се наведува во бизнис планот, претстојнава година ќе се избере и компанијата што ќе ја гради втората фаза од проектот за железничко поврзување со Бугарија. Од ЈП за железничка инфраструктура очекуваат да се реализираат вкупно 20 милиони евра од проектот за изградба на пруга меѓу Бељаковце и Крива Паланка. Проектот вреден 145 милиони евра е предвидено да овозможи доведување на воз до Крива Паланка во 2023 година. Одделни средства се предвидени и за експропријација на земјиштето по кое ќе минува оваа пруга.

Од Министерството за транспорт и врски информираат дека 15 понуди од градежните компании биле доставени за изградба на пругата Бељаковце – Крива Паланка. Во моментов се врши евалуација на понудите, а до крајот на 2020 година треба да се избере изведувач и да се отпочне изградбата. Станува збор за втор тендер по ред, којшто беше распишан во 2018 година.

Годинава е планирано да отпочне и експропријацијата на земјиштето за третата фаза од пругата кон Бугарија, на потегот меѓу Крива Паланка и Деве Баир. За процесот на обележување на парцелите и проценка на земјиштето на трасата ќе се издвојат над 320.000 евра од буџетот на ЈП за железничка инфраструктура.

Претстојнава година треба да се стави во функција и пругата Битола – Кременица на Коридорот 10д, чија што изградба беше завршена лани. Од буџетот на јавното претпријатие за 2020 година ќе се издвојат средства за довршување на експропријацијата на земјиштето на оваа пруга во износ од околу 15.000 евра. Самото пуштање во употреба на пругата Битола – Кременица доцни неколку месеци, поради фактот што треба да се постави оптичкиот кабел со кој ќе се обезбеди далечинско управување со сигнализацијата и контрола на движењето на возовите.

Јавното претпријатие за железничка инфраструктура годинава планира да ја отпочне и реконструкцијата на железничките станици на Коридорот 8. За овој проект во периодот до 2024 година е планирано да се издвојат речиси 590.000 евра за објектите што се наоѓаат на пругата Скопје – Кичево. Прва за обнова е железничката станица во Тетово, за чија реконструкција годинава ќе се издвојат над 190.000 евра.

И покрај тоа што веќе беше реконструирани со европски средства во 2015 година, за главната железничка станица во Скопје и годинава ќе бидат неопходни дополнителни средства. Околу 300.000 евра се издвоени за изведба на хидроизолација во делот на сливниците и фугите на станицата, со која ќе се спречи протекување на вода во долните простории од Транспортниот центар.

Со актуелниот буџет на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура, во оваа година се очекува поголем обем на инвестиции во инфраструктурни проекти во споредба со минатата година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...