Годинашните Денови на медиумска писменост и со филмска програма

Фото: Мета.мк

Под мотото „Размислувај критички, состави ја целата приказна“, почнувајќи од денес па сè до 1 ноември, во организација на Мрежата за медиумска писменост се одржуваат Деновите на медиумска писменост 2022. На овој начин, нашата земја четврта година по ред се приклучува кон Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО.

Како што информираше директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) Зоран Трајчевски, јавноста ќе има можност да присуствува на низа работилници, дебати, видео и панел дискусии, презентации и изложби фокусирани на различни аспекти од медиумската писменост.

Настаните се посветени на неколку теми, како активности за развој на критичкото размислување без стереотипи; преку медиумска писменост до образовани млади генерации ослободени од предрасуди, различностите и дезинформациите во Западен Балкан; идната генерација во ерата на дезинформациите; техники на новинарско пишување и препознавање дезинформаци; како медиумите известуваат за младите на маргините; моралната паника и претставата на ЛГБТИ во медиумите и какви се медиумските потреби на лицата со попреченост и други.

Оваа година во рамки на Деновите за прв пат е вклучена и филмска програма, поделена во два дела. Едниот дел од програмата е наменет за лица со попреченост, кои со претходна резервација на билети, бесплатно ќе можат да следат филмови од редовниот репертоар на кината Милениум и Синеплекс и во Кинотека на РСМ. Вториот дел од програмата вклучува бесплатно прикажување на тематски филмови наменети за деца од основни училишта од 6-то до 9-то одделение во кината Милениум, Синеплекс и Кинотека на РСМ, обезбедени од дистрибутерската куќа Катавеј.

Покрај АВМУ, во организацијата се вклучија и други членки на Мрежата за медиумска писменост, како Фондацијата „Метаморфозис“, Македонски институт за медиуми, ИРЕКС, Институтот за комуникацисики студии, Делегацијата на Европската Унија, Агенцијата за филм и други.

Повеќе информации за Деновите на медиумска писменост може да се најдат на посебната веб страница и на avmu.mk, како и на Facebook, Instagram, Twitter и Youtube каналот на Мрежата за медиумска писменост.