Го славиме Денот на животната средина, но затрупани сме со ѓубре и дишиме отровен воздух

Фото: Министерство за животна средина

Во С. Македонија постојат 54 легални депонии, но и двојно поголем број на нелегални. Третманот на отпадот е едено од најгорливите прашања со кои земјата се бори со децении наназад. Ниската свест кај граѓаните, но и лошо поставениот и делумно функционален систем на третман на отпадот се едни од главните причини што македонската природа и денес, 5 Јуни, Меѓународниот ден на животната средина, е затрупана со ѓубре. Покрај тоа, повеќе градови во земјава се на врвот на светската листа на локации со најзагаден воздух, а последиците се мерат со илјадници загубени човечки животи секоја година.

Ништо подобра не е ниту состојбата со заштитата на водите и почвата. Примерите на нефункционирање на пречистителните станици и испуштање на нетретирани отпадни води во езерата и водотеците е реална слика во нашето општество. Исто е и со историските жаришта, како топилницата во Велес или ОХИС во Скопје, кои децении наназад се огромна опасност за почвите и подземните води.

Годинава, во светот фокусот на одбележувањето на Меѓународниот ден на животната средина е обновата на екосистемите. Денеска започнува Декадата на Обединетите Нации која е на тема „Обновување на екосистемите“. Според Програмата на ОН за животна средина, УНЕП, обновата на екосистемите и изнаоѓањето на природни решенија може да помогне глобалното затоплување да биде под  два степени Целзиусови до 2030 година, притоа помагајќи им на економиите и општествата да се адаптираат на климатските промени. Истовремено, со обновата на природните површини може да се спаси опстанокот на видовите и до 60 отсто. Обновата на екосистемите придонесува за исполнување на сите 17 глобални цели за одржлив развој, вклучувајќи ги и целите за намалувањето на сиромаштијата и гладот.

Од Министерството за животна средина велат дека Меѓународниот ден на животната средина – 5 јуни е причина да се да се радуваме на нашата здрава животна средина, но и да се потсетиме дека секој од нас има своја улога во нејзиното зачувување.

Фото: Министерство за животна средина

„Работиме на прогласување на нови заштитени подрачја, зајакнување на еколошките стандарди и носење на храбри заложби за намалување на климатските промени. Сепак сметам дека потребни ни се заеднички напори, не само од владите туку и од компаниите и граѓаните, за да станеме генерацијата што ќе склучи мир со природата. Преку користење на транспорт што не му штети на воздухот и избегнување на амбалажа за една употреба, ние можеме да станеме дел од решението“, вели министерот за животна средина, Насер Нуредини.

Според податоците на УНЕП, деградацијата на екосистемите веќе негативно влијае на речиси 3,2 билиони луѓе, односно на 40 отсто од светската популација, а секоја година светот има загуба од 10 милиони хектари шума. Ерозијата на почва во глобални рамки нанесува штети од шест трилиони долари годишно, а денес имаме 30 отсто помалку природна питка вода во споредба со 1970 година.

Фокусот на овој ден, во Македонското еколошко друштво го ставаат на потребата од правилното третирање со отпадот, што е само еден услов за здрава животна средина.

„Денес и секој ден потоа, размислувајте одржливо и не ја загадувајте животната средина. Несоодветното управување со отпадот е еден од најголемите проблеми од аспект на животната средина. Дивите депонии ги загадуваат подземните и површинските води, а со неконтролираното палење се загадува воздухот. Депонирањето на нетретиран отпад ја зголемува можноста за акумулација на токсични материи во синџирот на исхрана“, информираат од МЕД.