Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ реагираше на вчерашните изјави на премиерот Зоран Заев во емисијата на Канал 5 „Само вистина“, порачувајќи му дека не смее поедноставено да се гледа на животната средина и дека многу работи што ги кажал за изградбата на гасоводот на Водно се неточни.
Од иницијативата велат оти е неточно дека со гасоводот ќе се реши комплетно делот на гасификацијата за Скопје, бидејќи станува збор за магистрален гасовод кој само минува на Водно и од Скопје ќе го „носи“ гасот до Косово, Тетово, Гостивар, а потоа и Кичево.
Во врска со изјавата на Заев дека „секое дрво 10 пати повеќе ќе се обнови, делот каде поминува гасоводот низ парк-шума Водно е нискостеблеста шума, само тој дел од изградбата на гасоводот е закочен”, од „Го сакам Водно“ велат дека не садењето дрвја на уништениот потег е никакво решение, бидејќи самиот процес на изградбата нанесува огромна штета на природата и на многу животински и растителни видови.
„Заштитено подрачје како што е парк-шума Водно, каде живеат ретки, ендемски и загрозени видови, не смее да се избанализира и не може да се сведе на ниво “за секое исечено дрво, 10 ќе насадиме”. Вакви изјави укажуваат на големо непознавање за функционирањето на еден екосистем и навистина мора да се стави крај на вакво несоодветно и крајно симплифицирано гледање на природата со целиот жив свет во неа и нејзиното значење. Гасоводот поминува низ 4 км шума, високостеблеста, а делот што се смета за нискостеблеста шума е густа шума на дрвја, високи околу 2 метра“, велат од иницијативата.
Од таму го оспоруваат тврдењето на Заев за повторно пошумување, велејќи дека над гасоводот нема да смее да се садат дрвја. Екологистите го повикаа Заев заедно со нив да се искачи на Водно за да види со какво уништување се согласил.