Град Скопје за годинава најавува пошумување на Водно со парите кои ги доби од Македонски енергетски ресурси – МЕР како компензација за уништеното зеленило поради изградбата на гасоводот преку парк-шумата и од Владата доби обврска да го спроведе. Сепак, оттаму не прецизираат ниту кога ќе почне пошумувањето ниту пак колку точно дрвја и на кои локации ќе се садат.
Но, иако неофицијално, оттаму добивме информација дека Градот не се откажува од идејата дел од парите за пошумување на Водно, доделени од Владата преку МЕР да отидат и на „разубавување“ на Водно и негово претворање во туристичка атракција. За потсетување, МЕР уште на почетокот на минатата година му плати на Град Скопје околу 43 милиони денари оштета, но тие пари беа наменски издвоени за да се компензираат исечените дрвја за потребите на изградбата на трасата на кракот на гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар.
„И покрај помпезните најави за оштета за исечените дрвја и пошумување на загрозените делови од парк шумата со издвоените средства, нема никаков напредок во тој правец. Обесмислувањето на планот за пошумување детално го следиме, но од мај 2019 година нема апсолутно никакви поместувања“, вели Татјана Стојановска од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“, кои во 2018 организираа протести против изградбата на гсоводот преку заштитеното подрачје на парк шумата.
Таа е категорична дека екологистите нема да дозволат овие средства изнудени директно со притисок на јавноста врз владата и МЕР, да се заглават во лавиринтите на бирократијата или да бидат употребени за она за што не беа наменети од страна на Владата.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов минатата недела категорично изјави дека Водно ќе се пошумува и дека студијата за пошумување Градот ја изготвил во соработка со Шумарскиот факултет. Од оваа научна институција, пак, за „Мета.мк“ потврдуваат дека нивни професори учествувале со свои експертизи во студијата и дека се избрани и локациите и видот на вегетацијата која ќе се сади, но и оттаму неофицијално велат дека обемот на пошумувањето ќе биде помал од оној кој би го финансирал целокупниот износ на добиените средства од МЕР.
„Она што на Водно повеќе од се му е потребно е итно пошумување и тоа треба да биде апсолутен приоритет“, вели Кирил Сотировски, декан на Шумарскиот факултет од Скопје, во одговор на прашањето како стручната јавност гледа на идејата на Град Скопје за изградба на адреналински парк, велосипедски патеки и други содржини на падините на Водно.
„На Водно му е неопходна заштита, а не забавни паркови“, вели деканот Сотировски и додава дека, дури и да ја има потребната инфраструктура за зголемен прилив на посетители, што сега не е случај, на Водно мора пред сè да му се заштити и подобри примарната негова функција, која и го направила да биде во минатото заштитено подрачје односно парк-шума, а тоа е да биде заштита на градот од поплави и зелен шумски појас.