Граѓанската иницијатива Шанса за Центар – Независни заедно, реагира дека на избирачките места во општина Центар, на листата со кандидати за градоначалници и советници за општина Центар, не е испечатено логото на независните кандидати на Шанса за Центар – Независни заедно, и тоа кај Група избирачи Јане Димески на листата за совет и кај Група избирачи Билјана Ивановска на листата за градоначалници.

Како што се наведува во дописот до медиумите, спротивно на членовите од Изборниот законик 97 Став 1 и 98 став 1, врз кандидатите е направена флагрантна дискриминација, ставање во нерамноправна положба и поништување на еднаквоста на избирачкото право.
„Оваа неправилност е контатирана на целата територија на општина Центар и може да претставува основа за поништување на изборите во оваа општина. Шанса за Центар се обиде да поднесе приговор во системот на ДИК кој во моментот додека се обидувавме да го поднесеме преку електронската форма на страницата на ДИК не беше во функција. Поднесен е приговор по електронски пат преку електронска пошта и во архивата на ДИК“, се наведува во соопштението од Независни заедно.
