Глобал војсис: 13-годишно девојче од Турција ги предизвикува стереотипите во атлетиката

Скриншот од интервјуто објавено на Јутјуб од младата Мерве Акпинар

Ракометарка од југоисточната провинција на Турција, Шанлиурфа, крши стереотипи додека ја зајакнува поддршката за учество на девојчињата во спортот, како во нејзиното село, така и низ целата земја. Во интервју за една локална новинска агенција од главниот град Анкара, Мерве Акпинар (13) рече: „Ме избркаа кога започнав, велејќи ми дека не можам да носам шорцеви или да играм со момчиња затоа што сум девојче. Но, тогаш прашав, зошто не можам да играм како и сите други. Затоа си дадов ветување дека ќе ја сменам судбината на девојчињата во моето село“. Нејзиното интервју стана вирално со истакнати поединци и спортски клубови, поддржувајќи ја нејзината молба на социјалните мрежи.

Тинејџерката им изјави на новинарите дека најпрво го открила ракометот во петто одделение. И покрај тоа што се соочи со силен социјален притисок за отстапување од она што се сметало за соодветно за девојчињата, таа не се откажа од својот стремеж да се приклучи на тимот и да игра. Приказната на Акпинар е особено важна во земја каде борбата на жените за еднаквост е дебата што и понатаму е во тек. Недостатокот на еднаквост се однесува и на спортот. Една неодамнешна студија заклучува дека „сексуалното вознемирување, нееднаквост во платите, ограничувања на финансирањето, погрешно претставување на медиумите и семејното влијание“ се меѓу клучните пречки што го попречуваат учеството на жените во турските спортови.

Акпинар, кој е едно од седумте деца, игра во ракометна екипа од 6-то одделение. Таа во интервју за новинската агенција Демирорен рече дека зборува во име на многу други девојки ширум Турција: „Јас не сум само Мерве. Јас сум гласот на Фатма, која собира памук во Чукурова. Јас сум гласот на Чемси од Харан. Јас сум надеж на млади девојки. Сакам да бидам гласот на сите девојки во Турција. Верувам дека можам да ги сменам умовите. Многумина успеаја на овој пат. Дај Боже, и јас ќе бидам успешна. Никогаш не замислував дека она што ќе го кажам во тоа интервју ќе привлече толку внимание. Ако девојките сакаат, тие можат да бидат поуспешни од момчињата“.

Меѓу нејзините фанови беа писателката и романсиерка Елиф Шафак и бројни турски фудбалски клубови кои ја изразија својата поддршка преку Интернет:

13 годишно девојче од Турција објаснува низ солзи како била омаловажувана и дискриминирана затоа што е женско, но и дека е решена да ја промени оваа голема нееднаквост. Голема почит од сè срце за нејзиниот талент, храброст и одлучност. Браво #merveakpınar

Вие сте надежта на сите млади девојки во Турција. Ние стоиме со вас и сите девојки што ги инспирирате.

Со својата храброст и амбиција, вие им бевте надеж на сите млади девојки. Ние стоиме со вас

Фудбалскиот клуб Галатасарај се приклучи на пораките за солидарност и поддршка. „Уште еднаш нè потсетивте дека магичната страна на животот е надежта. Ги охрабривте младите девојки Мерве. Храброста, одлучноста, силата и вербата на вас и на сите други девојки, го прават спортот поубав “, објави клубот на Твитер.

Инспириран од решителноста на Акпинар, градоначалникот на Анкара, Мансур Јаваш, преку Твитер објави дека ќе помогне во формирањето на клуб за млади и спортски клуб за деца во Шанлурфа во кој ќе можат да бидат вклучени деца од сите полови.

Инспирирани од решителноста и успехот на Мерве, ние се подготвуваме да формираме клуб за млади и спортски клуб за деца во Шанлурфа, роднински клуб на нашиот спортски клуб ЕГО. Ние веруваме дека силата и верувањето на Мерве Акпинар ќе бидат глас за сите жени и надеж на нивниот пат.

Дилек Каја Емамоглу, сопруга на градоначалникот на Истанбул, го пофали Акпинар, на Твитер: „И покрај тоа што и беше кажано дека не може да носи шорцеви, не може да игра и не може да го направи тоа, Мерве која се стреми кон остварување на своите соништа има порака за нас: ‘Јас ќе ја променам судбината на сите девојки во моето село’. Драги девојки, сигурен сум дека ќе инспирирате стотици, илјадници девојки. Одлично е што ве имаме“.

Моментална желба на девојката од 9-то одделение е училиштето да добие нова ракометна сала каде што таа ќе може да вежба заедно со својот тим. Зборувајќи за новинската агенција Демирорен, родителите на Акпинар, Али и Емине Акпинар, рекоа дека тие секогаш ја поддржувале својата ќерка во нејзините спортски потфати. Во интервју за новинската агенција, таткото на Акпинар рече дека интервјуто на неговата ќерка ќе ја промени судбината на сите млади девојки. „Секој треба да ги поддржува своите ќерки и да им дава образование. Јас сум земјоделец. Никогаш не сум гледал натпревар по ракомет. Научив од ќерка ми Мерве дека овој спорт го играш со раце. Секој треба да им верува на своите ќерки. Зошто девојчињата не можат да играат топка исто како момчињата“.

Оваа статија е напишана од Арзу Гејбулајева и објавена е на „Глобал војсис“ на 8 јули 2021 година. Текстот на македонски јазик е преведен од Бојан Блажевски, Мета.мк.