Глигорова: Дали детето ќе учи во училница или онлајн, да биде одлука на родителот

Фото: Max Fischer from Pexels

Дали детето ќе следи настава во училница или, пак, ќе следи часови од дома, да биде избор на родителот, побараа денеска пред Владата претставници на движењето „Поддршка за онлајн настава“. Оваа група на Фејсбук има 15.000 членови, кои секојдневно реагираат за начинот на кој е најавено дека ќе започне реализацијата на часовите од 1 септември.

– Правото на живот и правото на здравје е неприкосновено и е загарантирано со Устав. Според последната владина одлука донесена на 17 август, децата треба да почнат со физичко присуство од 1 септември. Но, имаме голем број починати и голем број заболени поединци и млади кои завршуваат со тешки клинички слики, па затоа сметаме дека оваа година треба наставата да биде онлајн. Триесетина ученици, кога ќе влезат во училница од 36 квадратни метри, невозможно е да бидат заштитени – изјави Ана Глигорова, претставничка на движењето.

Таа потсети дека ние сме меѓу државите со најголем број починати.

– Родителите ќе мора да поднесуваат медицински белешки за своите деца и за своите блиски. Ние бараме комплетно да е онлајн наставата за сите, зашто тоа е многу побезбедно, односно бараме да може родителот со само едно писмо до директорот да се обрати дека сака детето да му учи онлајн, притоа заобиколувајќи ги сите бирократски процедури, т.е. да нема немедицински и медицински причини туку само да се почитува желбата на родителот. Во спротивно, комплетната одговорност ќе ја има Владата заедно со Комисијата за заразни болести – потенцира Глигорова.

Таа кажа дека УНИЦЕФ дава препорака, но Македонија е суверена држава која самостојно одлучува како ќе постапи.

– Правото на избор, нема врска со препораките на УНИЦЕФ. Еве погледнете, студенти на 20, 21 годишна возраст, ќе одат на онлајн настава, ќе полагаат онлајн. Зошто тоа да не го прават децата? – додаде таа.

Во меѓувреме, Владата и Министерството за образование и наука остануваат на ставот дека учебната година започнува во училишните клупи. Исклучоци од оваа одлука може да се однесуваат за деца со ретки болести или попречености, деца кои доаѓаат од семејства со хронично болни, по барање на родителите, како и други немедицински причини со дозвола на училиштето.