Главниот и одговорен уредник на телевизијата „Канал 5“ Гоце Михајлоски е позитивен на Ковид-19 и е хоспитализиран, потврдија од телевизијата преку соопштение за јавноста објавено на нивната веб-страница.

Оттаму велат велат дека викендот на 28 и 29 март оваа година (односно пред две седмици), Михајлоски ги посетил своте родители во Прилеп. Веќе во понеделникот, на 30 март бил на работното место во дневно-информативната редакција, „без никакви елементарни сомнежи ниту симптоми“.

Неколку дена подоцна, односно на 2 и 3 април во емисијата „Само интервју“, која ја води Михајлоски, гостувале лидерите на двете најголеми политички партии во земјава, Зоран Заев на СДСМ (гостувал на 02.04.2020) и Христијан Мицкоски на ВМРО-ДПМНЕ (гостувал на 03.04.2020).

Од телевизијата велат дека при двете гостувања во студиото биле „запазени сите протоколи“.

Два дена по гостувањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, односно на 5 април (недела), се појавиле првите симптоми на болеста кај уредникот на Канал 5, Михајлоски. Тој додека бил на работа почувствувал „малаксаност, замор и главоболка, по што веднаш околу 17.00 часот го напуштил работното место“, информираат од телевизијата.

Од следниот ден (06.04.2020) Михајлоски е во самоизолација. Тој ден, кај него се појавил уште еден симптом на болеста, односно кренал телесна температура над 38 степени. Михајлоски „побарал од својот матичен лекар да добие упат за тестирање, но поради електронската анкета, немал доволни симптоми за да биде упатен на тестирање“, се вели во соопштението.

Сепак, Михајлоски следниот ден, 07.04.2020 направил „тест преку крв во една приватна болница, кој покажува дека е негативен на корона вирусот“.

Два дена подоцна, односно на 9 април (вчера) Михајлоски отишол во Градската општа болница „8 септември“, попозната како Воена болница, каде е примен, а утринава (10.04.2020) ги информирал колегите дека е позитивен на Ковид-19.

Во соопштението од телевизијата потенцираат дека веќе подолг период имаат воспоставено високи стандарди на заштита на нивните вработени, т.е. задолжително им се мери температура на вработените при влез во компанијата, а имале и дезинфекциони пунктови на пет локации. Работата се извршувала со заштитни маски, а за делот на техниката и новинарите имало и визири.

„Нашата компанија во соработка со Министерството за здравство ќе ги превземе сите чекори за брзо надминување на оваа несреќна здравствена состојба и благовремено ќе ја известува јавноста за сите новонастани моменти. На нашиот колега Гоце Михајлоски му посакуваме да се опорави што е можно побрзо. Ниту тој сакал да биде заразен со КОВИД-19, а уште помалку тој да биде трансмитерот и евентуално да зарази трети лица“, стои во соопштението.

Инаку утринава, на вонредна прес-конференција, министерот за здравство Венко Филипче инфомираше дека лидерите на двете најголеми политички партии во земјава Зоран Заев и Христијан Мицкоски се во задолжителна домашна изолација бидејќи имале контакт со новинар кој е позитивен на тестот за КОВИД-19.

И двајцата лидери се тестирани за корона вирусот а до сега се познати само резултатите на Мицкоски кои се негативни. Сепак, тој ќе биде во задолжителна самоизолација до истекот на 14 дена од последниот контакт со заболениот.

Резултатот од тестот на Зоран Заев, кој исто така веќе е во задолжителна домашна изолација, ќе биде познат во текот на денот денеска.

Според Филипче, новинарот е во стабилна здравствена состојба, во моментов е на лекување во болницата „8 септември“.

„Во текот на утрото и денот ќе се направат анкети и со точниот наод и бројка на лицата коишто ќе одат во самоизолација, доколку за тоа има потреба, ќе евалуираат епидемиолозите“ – изјави Филипче.

И Зоран Заев и Хритијан Мицкоски се огласија преку социјалните мрежи. Заев рече дека иако во текот на интервјуто ги преземале сите заштитни мерки како избегнување контакт и одржување дистанца, согласно сите протоколи, од денеска е во самоизолација во неговиот дом во Струмица.

„Немам симптоми, денеска се тестирав за присуство на вирусот и резултатите ги очекуваме во текот на денот – по што ќе се утврдат следните чекори“, вели Заев.

Мицкоски, пак, потврди дека вчера направил тест и резултатите се негативни, а тој ќе ги почитува препораките на здравствените лица и „во наредниот период од неколку дена“ ќе остане во изолација.

„Се надевам на брзо закрепнување на новинарот и негово брзо враќање на работното место“, вели Мицкоски.