fbpx

Главниот уредник на A2CNN, Узеири: Намалувањето на платите не ги запре новинарите

-

Ковид-19 во медиумите во Албанија влијаеше на разни начини. Во интервју за Portalb.mk, Елерт Узеири, главен уредник на A2CNN зборува за предизвиците со кои се соочило новинарството за време на пандемијата. Узеири вели дека потешкотиите ги натерале новинарите да ја вршат својата професија на уште поодговорен начин

Како ковид-19 го трансформираше новинарството во Албанија?

Oвој период не беше добар, не само од човечки аспект, кој е и најважен, туку и од професионален. Тоа се почувствува многу и во медиумите, посебно од оние новинари и репортери кои својата работа ја вршеа на терен. Според моето мислење (врз основа на моето искуство во A2CNN овие месеци), тие станаа повнимателни, станаа поодговорни, бараат и истражуваат повеќе. Во тој близок контакт со ситуацијата, однесувањето, стравот, заштитата и незадоволството на луѓето, тие успеаја да го извлечат најдоброто од себе. Иако во многу случаи беше потребно да го почитуваат физичкото дистанцирање, новинарите создадоа еден подобар пристап кон секојдневието, уредничките насоки и јасноста во информирањето на јавноста. Бидејќи се работи за многу чувствително прашање, ова придонесе да бидат крајно внимателни за секој  кажан или напишан збор, за секое прашање, за секоја направена снимка, останувајќи во граници на етиката, без да загрозуваат и да шират паника, пред сè почитувајќи го гласот на професионалците.

Какви дигитални методи и алатки користат новинарите за да комуницираат со своите извори и дали мислите дека тие сега се поотворени за користењето на  дигиталните уреди за разлика од периодот пред пандемијата?

Ние живееме во дигитална ера и како никогаш досега, таа ни помогна да се поврземе во овој период. Во овој период, сите апликации на мобилните телефони станаа средство за поврзување за правење интервјуа или за испраќање видеа, слики и информации. Квалитетот на сликата и тонот не беше најдобриот што може да биде, но беше прифатлив за емитувањата и мислам дека тоа ќе остане и во иднина како една помошна алатка за многу телевизии. И новинарите и репортерите во ова време се здобија со некои нови комуникациски изрази, кои им послужија многу добро во нивната работа.

 

Институциите останаа со ограничени информации

Од Ваша гледна точка, дали институциите и компаниите објавуваат повеќе податоци на интернет за разлика од порано и дали сте забележале разлика во квалитетот на податоците и информациите?

Што се однесува до Албанија, мислам дека нема некоја голема промена. Тука кај нас, државните институции се многу херметички и информациите секогаш се многу ограничени, со структуирани соопштенија и без простор за информирање колку што треба. Мислам дека треба да има поголема транспарентност и повеќе информации.

Каков е Вашиот впечаток – дали довербата на публиката во известувањето на медиумите е зголемена, намалена или остана иста за време на пандемијата?

Осврнувајќи се на A2CNN, мислам дека во овој период довербата е видно зголемена и тоа го покажуваат бројките со кои располагаме. Исто така, тоа се гледа и од интересот кој го покажуваат гостите кои учествуваат во интервјуа или кои гостуваат во нашите студија.  Како што реков и претходно, медиумите се многу поодговорни и повнимателни при пренесување на информациите и тоа направи публиката да ги следи медиумите со поголемо внимание.

Колкав труд вложија медиумските компании за да ги исполнат потребните услови за работа на новинарите за време на кризата  и кои се реформите за поддршка?

Здравјето на вработените е најважното нешто, затоа и грижата за секој од нив беше максимална. Новинарите цело време се снабдени со заштитни маски, ракавици и средства за дезинфекција, а и во работните простории правена е секојдневна дезинфекција. Во студијата се почитува социјалното дистанцирање меѓу презентерите, како и за снимателите и другиот технички персонал. Исто така се дезинфицираат и средствата за работа, камерите и микрофоните и се покриваат со привремен заштитен слој.

 

Ниту еден медиум не беше затворен – настрадаа платите

Како влијаеше ковид-19 врз одржливоста на медиумите и безбедноста при работа на новинарите во Албанија?

За среќа не е затворен ниту еден медиум, а што се однесува до платите, во многу медиуми имаше намалување на платите. Ова е еден многу тежок период. Мислам дека и државата можеби требаше да има еден друг пристап кон медиумите.

Кои аспекти на работата и животот на новинарите беа најпогодени за време на пандемијата?

Несомнено најважниот аспект беше ризикот од заразување со вирусот, затоа што тоа ќе предизвикаше една верижна реакција и во понатамошните контакти ќе се заразеа и нивните колеги, пријатели или нивните семејства.

Кои методи за борба против дезинформациите се практикуваат во медиумите во Албанија?

Борбата против дезинформирањето се води само со професионализам. Еден квалитетен медиум известува на професионален начин, со потврдени информации и официјални извори, вршејќи проверка на фактите или внимателно истражување. Ова е работа на уредниците, главните уредници, продуцентите кои треба да ја зголемат внимателноста и да бараат двојна проверка на информациите и изворите кои ги користат репортерите и новинарите.

Кои се главните извори на дезинформациите во Албанија?

Мислам дека дезинформациите се шират преку социјалните мрежи. Одредени лица, а неретко и лица кои се вклучени во политиката, беа извори на дезинформации, и потоа медиумите станува жртви на овие информации кои завршиле на телевизија, радио, весници и интернет страни.

Дали интензитетот на дезинформациите сега е ист како и пред почетокот на пандемијата и што мислите Вие за видот на дезинформациите споделени во овој период?

Имам впечаток дека поголемиот дел од медиумите, тие посериозните, беа повнимателни, држејќи се настрана од дезинформациите.

Дали пандемијата влијаеше врз пристапот до информации?

Новинарите сега се поосетливи и природно подетални во својата работа.  Зголемена е одговорноста кон задачите и мислам дека ова се вредности кои не сме можеле претходно да ги почитуваме целосно. Јас велам дека по оваа пандемија ние ќе бидеме подобри новинари.

 

Премиерот ги навреди медиумите

Кои закани за слободата на медиумите се појавија за време на пандемијата?

Како што знаете, премиерот на Албанија за медиумите вели дека се еден „голем казан“, што верувам дека е една голема навреда. Во првите денови на карантинот, самиот премиер ги употреби главните оператори на мобилната телефонија за да ја споделат неговата порака за социјално дистанцирање, но меѓу другото, тој бараше од јавноста да не комуницира со медиумите. Тоа не е само навреда, туку и повреда на слободата на медиумите.

Дали сте позагрижени за својата приватност сега, кога еден голем дел од комуникацијата се одвива онлајн или преку телефон?

-Во една ваква ера, кога технологијата продира доста длабоко, приватноста ни е украдена уште одамна и ова создаде имунитет кај новинарската заедница, не страв.

Ако може да го замислите новинарството по пандемијата, како би изгледало тоа и кои ќе бидат трајните/долгорочните последици од пандемијата и по нејзиното завршување?

Јас се надевам дека по пандемијата новинарството ќе биде поодговорно, повнимателно, пореално. Сето ова нè натера да сфатиме дека медиумите се многу важни и дека не се приватни субјекти, на една индивидуа или на некоја група, туку дека тие се богатство на една земја и ѝ припаѓаат на својата публика.

Автор: Дрен Гргури

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бујар Османи не ги прекинува предизборните активности

Од објавените наслови се добива впечаток дека Османи се откажува од претседателската трка, а вистината е дека поради здравствени семејни причини ги откажа предизборните активности на 16 април. Но,...