„Глава што лебди“ е збирката раскази што ја доби наградата „Новите“ за 2021 година

Комисијата од издавачката куќа „Темплум“ наградата „Новите“ за најдобар дебитантски ракопис во 2021 година ѝ ја врачи на Марија Ангеловска за нејзината збирка на раскази насловена како „Глава што лебди“.

На конкурсот биле пријавени вкупно 19 ракописи од кои во потесниот круг влегле  „Урбана сликовница на она што никој не го забележува“ на Ана Алексовска, „Глава што лебди“ на Марија Ангеловска,  „Генерална теорија на лудилото“ од Димитар Арнаудов , Ива Дамјановски со „Четвртиот ѕид (експериментална наива во 7 димензии)“ и Јордан Николов со „Балоните над Конзулвил“. Жири комисијата составена од Петар Андоновски, Андреа Делипапаз и Фросина Крушкаровска за најдобар конкурент го избра „Глава што лебди“.

Доделувањето на наградата се одржа во културниот простор Центар – Јадро.

Во врска со победничкиот дебитантски ракопис од жири комисијата пишуваат:

Она што на прв поглед е допадливо во првата збирка раскази на Марија Ангеловска, составена од 15 раскази, е нивната младешка воодушевеност и енергизираност од светот. Таа ѕирнува зад аглите на секојдневието и го очудува на еден детски игрив начин. И во повремените истражувања на загадочните аспекти, на болката и стравот, нејзините раскази задржуваат тон на надеж и затскриена радост.