Гласот на младите во Тетово за заштита на младинскиот простор наидува на глуви уши

Доброволци од Белгија, Косово и Македонија пред две години се собраа со цел на Тетово да му обезбедат простор каде што младите ќе може да се забавуваат. Истото беше позитивно пречекано од граѓаните, но и од општина Тетово, коишто тогаш ветија дека ќе се погрижат за одржување на младинскиот простор да биде чист. Овој простор денес остава впечаток на мини депонија, а од ЈКП Тетово не одговорија на нашите прашања на оваа тема, известува „Порталб.мк“.

Младинскиот простор се наоѓа во близина на автобуската станица во Тетово. Тој во минатото беше едно од ретките места каде што младите од овој град имаа можност да организираат разни настани, а денес е оставен на милост на судбината.

Од „Socio Cultural Space Тетово“ пред 8 месеци упатиле повик до соодветните институции за одржувањето на овој простор, при што тие преку видео запис укажале на серијата недостатоци.

Меѓу другото, тие побарале и јавно осветлување во овој дел од градот, безбедност и одржување на јавниот ред, редовно одржување на зелените површини и слични мерки. Сепак, секое од нивните барања наишло на глуви уши.

Од овој центар ни рекоа дека тие многу пати се обиделе доброволно да го исчистат местото, но тоа не е доволно и затоа бараат итна помош од надлежните институции, односно од општина Тетово.

Џелал Цека, директорот на Јавното Комунално Претпријатие (ЈКП) Тетово, не сметаше дека е сходно да одговори на прашањата на „Порталб.мк“ во однос на овој младински центар, којшто во моментов се претвора во мини депонија.

Инаку, овој простор заедно со тој кај поранешното „Радио Тетово“ беше изграден од 45 доброволци на невладината организација „Toestand“ од Белгија, околу 20-тина од невладината организација „Termokiss“ од Косово, како и доброволци на невладината организација „Democracy Lab“ од Тетово.