Фото: Влада на РСМ

Социо-економската и здравствената криза предизвикана од вирусот ковид-19, удри по вработените од ниско-профитабилните и трудо-интензивни гранки, по жените, младите, возрасните лица пред пензија, хронично болните, самохраните родители. Тие се соочуваат со незаконски откази, непродолжување на договорите за работа, намалена плата, доцнење на платата и по два месеца, губење на права од работен однос и друго. Голем дел од фирмите во текстилната индустрија немаат сѐ уште исплатено плати за месеците февруари и март 2021 година и поради тоа вработените се приморани да плаќаат приватни здравствени услуги.

Ова стои во писмото на Здружението за заштита на работничките права, „Гласен текстилец“, испратено до Собранието, со кое се бара од пратениците итно да се донесе петтиот пакет на економски мерки, заради спас на голем дел од вработените, особено во текстилната индустрија.

Од ова Здружение потсетуваат дека веќе побараа за време на привремена спреченост од работа поради ковид-19, на вработените во јавниот и во приватниот сектор да им биде исплаќан надоместок од 100 отсто од платата, поради егзистенцијални проблеми, најмногу од скапата набавка на лекарства, чии цени се значително зголемени. Приходите на работниците и надоместокот од 70 отсто од плата за време на боледување, не се доволни за подмирување на овие трошоците.

„Нехумано е од пратениците што ги ставаат личните и партиските интереси пред интересот на граѓаните кои се најранливата категорија во оваа здравствена и социо-економска криза со пандемијата. Вие треба да ги барате овие итни и неодложни потреби и да ги истакнувате проблемите на оние, поради кои ја имате оваа функција. Бидејќи благодарение на истите, вие имате редовна, висока плата, платено здравствено осигурување и повеќе од пристојни услови за работа. Не ве замолуваме, туку БАРАМЕ од вас како пратеници, народни избраници, да го ставите интересот на народот пред секоја политичка цел, бидејќи работниците очекуваат од вас да го изгласате овој сет на мерки, неопходен за нормално функционирање на секоја човечка индивидуа“, стои во писмото на „Гласен текстилец“.

Додаваат дека, извршителите, банките, јавните и приватни претпријатија продолжуваат со работа и сметките и кредитите течат и мора да се подмируваат, а тоа е невозможно ако кризата секој ден ги остава луѓето без егзистенција, па затоа мора да има мораториум за наплати и побарувања.

„Недозволиво е да се продолжи со неконструктивни препукувања и националистички реторики. Бидејќи и Македонци, Албанци, Бошњаци, Турци и Роми, сите се ставени во незавидна положба, бизнисите пропаѓаат, а граѓаните се соочуваат со егзистенцијални проблеми. Граѓаните ви ја дале поддршката да ги браните нивните интереси. Тоа и само тоа е вашата улога во ова Собрание“, се вели во писмото на „Гласен текстилец“.