Гласањето за Наградата за младинско учество е отворено до 1 септември

Фото: НМСМ

Во тек е јавното гласање за Наградата за младинско учество која ја доделува Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), во рамки на проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Наградата се однесува на млади индивидуалци, неформални групи на млади и младински организации кои дале придонес кон општеството преку активно граѓански учество. Нивните активности треба да се реализирани од јануари 2019 година до јуни годинава.

Оваа година, потесниот круг на кандидати се распределени во три категории: индивидуална категорија каде може да се гласа за Бојан Ковски, Ивана Балабанова, Кристијан Ангелески, Моника Чекаловиќ и Сибел Бајрам, категорија за неформални групи на млади кои ги вклучува 3D Print Medical Equipment, Challenger, Digital Menu и SHARE – Speak Honestly and Resolve Everything, и категоријата за младински организации, меѓу кои се Организациите Културно Ехо, Еквалис, Флуктус, Мај Лајф и ИМКА Битола.

Филип Кулаков, Програмски менаџер при Проектот на УСАИД за граѓанско учество во НМСМ / Фото: Лична архива

„Благодарни сме на големиот број номинации кои ги добивме, и ги охрабруваме сите да продолжат да го препознаваат младинското учество во општеството. Во име на НМСМ и Проектот на УСАИД за граѓанско учество ги повикуваме младите, без разлика дали делуваат сами или како дел од некоја група или организација, да продолжат преку својата работа и активизам да даваат позитивен придонес кон општеството, а истовремено ја повикуваме и целата јавност да гласа за нивните омилени кандидати по категориите, и да ни помогнат да ги избереме овогодинешните добитници на Наградата“ посочува Филип Кулаков, програмски менаџер при Проектот на УСАИД за граѓанско учество во Националниот младински совет на Македонија.

Како што вели Кулаков, идната година очекуваат уште поголем број номинации за петтата по ред Награда за младинско учество, која би ја доделиле во 2021 година.

Повеќе информации околу достигнувањата на номинираните кандидати, како и самата платформа за гласање, се достапни на следниот линк.

Процесот за гласање е препуштен на јавноста, и ќе трае две недели, заклучно со 1 септември. За победниците ќе следуваат грантови, кои би имале за цел дополнително да ги поддржат нивната работа и активизам.