fbpx

Гласањето за вториот пакет мерки, нов удар за СИРИЗА и за Ципрас

-

Новите приоритени мерки за Грција поминаа, но не помина одново барањето на Ципрас за посилна поддршка од СИРИЗА. Во маратонската парламентарна дискусија, која финишираше со гласање во 4 часот изутрина, мерките ги поддржаа 230 од 298 присутни пратеници, против гласаа 63 пратеници, а воздржани беа пет.

Дури 36 пратеници од левичарската партија се спротиставија на мерките и покрај последниот повик од Ципрас да преземат сите одговорност за спас на државата, што, сепак, врати тројца пратеници за разлика од 39-те кои гласаа против минатиот пат.

Против и овојпат беше претседателката на парламентот, Зои Константинопулу, чија позиција е под знак прашалник и се шушка дека од неа ќе биде побарано сама да се повлече. Нејзината иднина останува да се види по денешниот тет-а-тет состанок со Ципрас во владиниот кабинет. На општо изненадување, поранешниот министер за финансии, Јанис Варуфакис, гласаше за мерките, иако минатиот пат беше против нив.

Премиерот Алексис Ципрас во парламентот повтори дека владата била пред тешки избори и соочена со потреба за многу тежок компромис за да ја спаси државата од економски и од банкарски колапс. Призна дека се направени грешки, но порача дека тој не планира да се откаже од обврските што ги има прифатено како премиер за да ја води и исправи на нозе државата.

Оцените во Грција се дека со толку голем број „бунтовници“ и противници на мерките во парламентот, Ципрас е соочен со дилемата и со потребата да се случи некаква поделба и чистка во партијата наскоро, за да може со посилно партиско единство и со помалку пречки од сопственото левичарско семејство да ги води преговорите и да го заклучи договорот со европските кредитори за да се осигури грчката финансиска стабилност.

Зад мерките и овојпат застанаа, иако со жестоки критики, опозициските партии Река, ПАСОК и Нова демократија. Лидерот на Река, Ставрос Теодоракис, отворено побара од Ципрас да ја смени претседателката на собранието, која и вчера се обидуваше да ја опструира и да ја одолговлечи парламентарната дискусија.
Гласањето се одвиваше во вжештена клима и во и пред парламентот, каде одново се водеше борба меѓу полицијата и демонстрантите против пакетот мерки. Додека во собранието се разменуваа остри критики меѓу партиите, пред него се разменуваа солзавец, молотови, камења и шок-бомби.

Среде политичкиот и граѓански земјотрес, пристигна и една позитивна вест од Европската централна банка, која одлучи да ја зголеми финансиската помош од итниот пакет за помош за дополнителни 900 милиони евра, со што се зацврстува банкарската стабилност и ликвидноста на грчките банки.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...