Израелците денеска гласаат на клучни избори, додека нивната земја се соочува со нерешени војни, сè уште ги чувствува последиците од нападот на Хамас во 2023 година и е длабоко поделена околу карактерот на државата и тоа кој е вистинскиот човек што треба да ја води.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху се соочува со низа партии кои се обидуваат да го симнат од власт премиерот со најдолг стаж во Израел. Анкетите на јавното мислење укажуваат на тесна трка со неговиот главен ривал, поранешниот началник на Генералштабот, Гади Ајзенкот. Повеќе од 7 милиони луѓе имаат право на глас, а според извештаите, десетици илјади пристигнале од странство.
Во самиот Израел, трката главно се врти околу безбедноста и прашањето кој треба да ја преземе одговорноста за одбрана на земјата. Надвор од Израел, фокусот е главно на угледот на земјата – како и на безбедноста на Евреите ширум светот – по зголемените критики во врска со војната во Газа и насилството од страна на еврејските доселеници на окупираниот Западен Брег.
Во израелскиот фрагментиран парламентарен систем, ниту една партија никогаш нема освоено апсолутно парламентарно мнозинство. Постои можност ниту коалицијата на Нетанјаху, составена од религиозни и ултранационалистички партии, ниту пак групата партии што се надеваат дека ќе го сменат, да немаат доволна поддршка за мнозинство. Тоа би можело да доведе до повеќенеделни преговори пред да се одреди кој ќе ја преземе власта.
Партиите предводени од израелските Арапи би можеле да станат клучниот фактор за формирање влада – доколку другите партии се согласат да соработуваат со нив.
„Нашиот глас ќе ја промени владата“, изјави Мансур Абас, лидер на исламистичката партија „Раам“, додека гласаше. Тој додаде дека се надева оти излезноста во арапските заедници ќе надмине 70%. Арапите во Израел сочинуваат околу 20% од населението.
Итамар Бен-Гвир, израелскиот министер за национална безбедност од крајната десница – познат по провоцирањето на палестинските затвореници и по изјавата дека некои Палестинци во Газа не се ни луѓе – предупреди дека, доколку Нетанјаху и неговите сојузници не победат, тоа ќе биде влада на Мансур Абас.
Според првичните податоци на Централната изборна комисија, речиси 17% од Израелците гласале во првите три часа.
