Илјадници мигрантите кои неделава со пливање или со прекачување преку граничната ограда влегле во шпанската енклава Сеута почнале да се враќаат во Мароко откако гладта, исцрпеноста и непријателскиот однос на дел од локалното население им ги урнале надежите за нов живот во Европа, објави Ројтерс.

Многумина изјавиле дека кон границата ги привлекле вирални видеа и пораки на социјалните мрежи, според кои слободен и масовен премин бил возможен. По пристигнувањето во Сеута, сепак, сфатиле дека не можат да продолжат кон континентална Шпанија.

Брахим, пекарски работник од Фез, изјавил дека ја напуштил работата откако видел снимки од илјадници луѓе кои ја преминуваат границата. Тој тврди дека три дена преживувал само со вода бидејќи храната во Сеута била прескапа.

„Сеута беше како затвор. Немаше што да се прави, а сè беше затворено“, изјавил друг мигрант кој се вратил во Мароко.

Дел од мигрантите тврдат дека биле нападнати или протерани од населбата Ел Принсипе во која претежно живеат жители со мароканско потекло. Ројтерс не можел независно да ги потврди овие тврдења. Шпанското Министерство за внатрешни работи соопштило дека две лица добиле полесни повреди во одделни напади со нож и дека еден напаѓач бил уапсен.

Прифатниот центар за мигранти во Сеута е целосно исполнет, а според хуманитарни работници, во енклавата сè уште се наоѓаат илјадници луѓе. Иако голем број мигранти се враќаат, дел од нив и натаму се решени да останат и да се обидат да изградат живот во Шпанија.