Ширењето и побарувачката за дезинформации, како и новите начини на измама, се во фокусот на новата студија на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED), насловена Побарувачка за измама: Како начинот на кој мислиме ги поттикнува дезинформациите (Demand for Deceit: How the Way We Think Drives Disinformation), чии автори се Семјуел Вули и Кејти Џозеф (Samuel Woolley and Katie Joseff)

Авторите потенцираат дека ерата на дигиталните комуникации и брзото ширење на политичките дезинформации стана вознемирувачки предизвик за општествата ширум светот.

Додека политичките актери користеа гласини, поттикнување и лага како алатки од памтивек, современите технологии им овозможуваат да произведуваат и шират дезинформации во обем невиден досега. Ефектот е покривање на поширокиот информациски простор со конфузија и цинизам, фрактурирање на демократските општества и дисторзија на дискусијата на јавноста, се вели во студијата на NED.

Студијата се занимава со загриженоста во граѓанските општества од сајбер пропагандата и ширењето дезинформации – тие се на врвот на јавните агенди – добивајќи поголемо влијание. Авторите велат дека одговорот делумно е поврзан со психологијата на потрошувачката на вести и формирањето на мислењето, а поголемиот дел од истражувањето е фокусирано на Соединетите Американски Држави и Европа (но факторите за ваквата побарувачка го насочуваат ширењето и потрошувачката на дезинформации низ целиот свет).

Разбирањето на овие фактори е клучно за информирање на ефективни одговори – особено затоа што технологиите во блиска идните  може да имаат потенцијал да ги направат овие форми на манипулација со информации уште поефективни, се потенцира во извештајот.

 

ДЕЗИНФОРМАЦИИ И МАНИПУЛАЦИИ – МАКЕДОНИЈА КАКО ПРИМЕР

Секако дека и нашиот информативен простор има место во оваа студија, со посебен осврт на случајот со референдумот за промената на уставното име. Тука повторно го среќаваме влијанието и на надворешниот фактор:

Иако поголемиот дел од дезинформациите во Северна Македонија, и низ целиот Балкан, потекнуваат од домашни извори, истражувањата сугерираат дека има многу прекугранични дезинформации меѓу балканските земји и дека Русија е водечки извор на надворешна дезинформација во регионот. Москва намерно поттикнува етнички тензии за да ја поттикне дестабилизацијата; исто така, промовира неполитичка дезинформација, како што е идејата дека вакцините се опасни во Северна Македонија, навидум со намера да се шири страв и недоверба во владините институции. Кремљ врши влијание преку медиумски средства финансирани од државата, како „Спутник“, Руската православна црква, руски деловни магнати кои се активни на Балканот и нејзините блиски врски со српската влада и водачите на етничките Срби во Босна и Херцеговина.

Меѓутоа, за ширењето дезинформации не (ни) се виновни само странците. Уште пред 5 години Сервисот за проверка на факти од медиумите објави лекција за тн. „историчари“ кои ширеле дезинформации околу потеклото на Македонците, а во тој блок не недостасувале ниту коментатори со постојано „мерење“ на заслугите на патриотите и предавниците.

Студијата на NED ги анализира политичките настани што се одвиваа во Северна Македонија во 2018 година како корисен увид за двигателите двигателите на дезинформацијата на Балканот.

Во месеците пред референдумот, се појавија страници на „Фејсбук“ и „Твитер“ сметки за поддршка на јавен бојкот на референдумот, ширење лажни информации за НАТО и Западот и провоцирање меѓуетничка напнатост во земјата, која има големо етничко албанско малцинство, се вели во студијата.

Објавите имаа неколку илјади лајкови и интеракции, се вели во студијата, што не е занемарливо во земја со само два милиони луѓе.

Студијата спроведена од Трантлантската комисија за изборен интегритет (Trans-atlantic Commission on Election Integrity found) покажа дека автоматизираните „ботови“ сочинуваат 10% од разговорот за референдумот и претежно го промовираа бојкотот. Хаштагот беше силно промовиран од страна на македонските екстремни десничарски групи, чии силно координирани напори вклучуваат веб-страница што им овозможува на корисниците лесно да ретвитираат и споделуваат специфични содржини за бојкот.

Когнитивната димензија во ширењето дезинформации не е за занемарување, за што веќе пишуваше Билјана Танеска во нејзината анализа „Когнитивни предрасуди: Моето гледиште и ничие друго“, објавена на оваа интернет-страница на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медуимска умешност – Кри Тинк“. Таа вели дека првата и можеби најраспространета когнитивна предрасуда е склоноста кон потврда на сопственото гледиште (confirmation bias). Ова е, всушност, најблиску до она што го нарекуваме пристрасност и таа е многу повеќе засилена во денешниот дигитален свет. Оваа предрасуда ни помага да си го потврдиме нашето гледиште и мислење без разлика на неговата реална заснованост и оправданост, зашто несвесно секогаш ги гледаме аргументите што го потврдуваат“.

 

КНИЖЕВНОСТА И ЛАГИТЕ

Има една стара поговорка која вели: „Најмногу се лаже пред секс, за време на политичка кампања, и после лов!“. Ако, пак, се присетиме на некои популарни рефрени од народни и поп-рок песни од овие простори, тогаш испаѓа дека лагата е примамлива!? И тоа прилично примамлива. За тоа сведочат следниве стихови: „Лажи, лажи Вере, лажи кој ќе лажеш, само мене Вере, немој да ме лажеш…“ (народна песна); „Лажи, лажи, лажи ме / ти ме лажеш најбоље…“ (Алка Вуица, хрватска поп-пејачка).

Но, и книжевното наследство на балканските простори како да има(ло) повремени „симпатии“ за лагата. „Лажниот цар Шќепан Мали“ на Петар Петровиќ-Његош – приказна за русофилската опсесија на Црногорците од пред 3 века, кога прифаќаат еден шутрак за свој цар само затоа што тој тврдел дека е роднина на рускиот цар, а тие биле убедени во тоа –  и „Лага и паралага“ („Лажа и паралажа“) на Јован Стерија Поповиќ – комедија со двајца лажговци кои со измама сакаат да дојдат до богаството на една мома за мажење – се само најпластичните наслови.

Заклучоците на студијата за гладта по дезинформации наведува дека психолошката литература за двигателите на дезинформацијата од страната на побарувачката може да обезбеди корисен увид за потенцијалните лостови за намалување на влијанието на таквата содржина – без разлика дали преку воспоставена работа на проверка на факти и медиумска писменост или преку нови алатки и идеи што допрва треба да се развиваат.

Мудриот писател Иво Андриќ во неговите „Знаци покрај патот“ шеесеттина години пред крвавиот распад на екс Југославија запишал:„Понекогаш човек се запрашува дали духот на повеќето балкански народи е засекогаш затруен и дека, можеби, веќе никогаш нема да може ништо друго да прави освен едно: да трпи насилство или да го чини“. Сменете го терминот насилство со лажење и повторно сме исправени пред дилемата на актуелното насилство на лагите, во кое духот на балканските народи е пред дилемата дали да биде излажан, или да лаже!

 

Стојан Синадинов за „Вистиномер“

(Авторот е филмски критичар и долгогодишен новинар и уредник од областа на културата)