Орце Ѓорѓиевски и официјално е новиот градоначалник на Скопје, откако денеска ја презема функцијата од Данела Арсовска. Ѓорѓиевски во бараките на Градот Скопје дојде со букет цвеќе, а со Арсовска имаше средба од четириесетина минути, за која рече дека била протоколарна. По средбата Арсовска замина без да дава изјави за медиумите, исто како што практикуваше и во текот на нејзиниот мандат.
Ѓорѓиевски најави дека вечерва стартуваат 72 часа од неговото ветување дека ќе го исчисти градот. Ќе се работи на собирање на отпадот и миење на плоштадот Македонија, улиците и кејот на Вардар. Новиот градоначалник рече дека ќе работи и на ребаланс на буџетот, за да може веднаш да ги стартува или забрза некои од поголемите проекти.
„Во комуникација сме со директорите на јавните претпријатија, имаме одреден број камиони на „Комунална хигиена” на располагање, но очекуваме да ни помогне и механизација од другите градови. Планираме и средба со приватните автобуски превозници за да се вклучат нови 60 автобуси во јавниот превоз и да немаме кризни ситуации со ЈСП во текот на зимата, како што беше тоа случај минатата година“, рече Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека приоритетни проекти за стартот на неговиот мандат ќе бидат довршување на клучката кај Момин Поток, проширувањето на улицата Борис Трајковски во булевар кон Драчево и доградбата на мостовите во Карпош 4 и Аеродром.
