Ѓоргиевска: Жените се недоволно вклучени во науката

фото: Кабинет на Претседателот на Република Северна Македонија

По повод Меѓународниот ден на жените и девојките во науката што се одбележува на 11 февруари, на иницијатива на сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, се одржа панел дискусија за улогата, застапеноста и видливоста на жените во науката.

На панел дискусијата учествуваа жени научнички од земјава, а Ѓоргиевска истакна дека родовата еднаквост и дисбалансот сè уште се предизвик во однос на целосен и еднаков пристап на жените и девојките до науката и учеството до неа.

„Жените обично добиваат помали грантови за истражување во споредба со нивните машки колеги. Иако тие претставуваат 33,3 отсто од сите истражувачи, само 12 проценти од членовите во националните научни академии се жени. Жените сè уште сочинуваат мал процент од дипломирани инженери и честопати имаат пократки и помалку платени кариери и нивната работа е недоволно застапена во научните списанија“, посочи Ѓоргиевска.

Таа оцени дека е неопходно поголемо учество на жените и девојките во јавни дебати, изразувајќи надеж дека преку вакви отворени дискусии и со поголема вклученост на надлежните институции, жените и девојките ќе бидат дел од решенијата за надминување на предизвиците со кои се соочуваме.

Ѓоргиевска додаде дека и покрај напорите што се направени во изминатите децении за мотивирање и инклузија на жените во науката, тие сè уште се недоволно вклучени.

Меѓународниот ден на жените и девојките во науката годинава се одбележува под мотото „Еднаквост, разновидност и инклузија: водата нè обединува“ и во таа насока на панелот се дискутираше за влијанието на науката во справувањето со климатските промени од аспект на зачувување на водните ресурси и обезбедување пристап до чиста и безбедна вода, со цел заштита и спречување на болести.

Свои излагања на дискусијата имаа професорките Јана Клопчевска, Јадранка Блажевска – Гилев и Емилија Фиданчевска од Технолошко-металуршкиот факултет, Марина Стефова од Природно-математичкиот факултет и Ариета Алиу, стручен наставник во тетовскиот Училишен медицински центар „Никола Штејн“. Во дискусијата учествуваа и асистентките Марија Прошева, Ива Димитриевска, Деспина Костадинова и магистрант Ема Стојчевска.