Фото: Olaf Kosinsky, Wikimedia Commons

Пратеникот на германската владејачка партија ЦСУ, Тобијас Цех поднесе оставка од функцијата откако германскиот магазин „Шпигел“ објави дека зел петцифрена сума во 2016 година за консултантски услуги од партијата ВМРО-ДПМНЕ во време на владеењето на сега пребеганиот, Никола Груевски.

„Според истражувањето на Шпигел, пратеникот на ЦСУ во Бундестагот Тобијас Цех работел ПР за партијата на корумпираниот македонски политичар. Цех и лично работел на промоција на Груевски, а во ноември 2016 година, присуствувал на предизборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје“, пишува во германскиот магазин.

Генералниот секретар на ЦСУ, Маркус Блуме ја поздрави оставката на Цех и за „Минхен Меркур“ изјави дека оставката е единствениот исправен чекор за да не ѝ предизвика штета на партијата. Блуме додаде дека партијата ќе истражува дали Цех имал конфликт на интереси со тоа што работел за Груевски.

Во март 2017 година, ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека Груевски имал средба со Цех во Малта, на која поранешниот премиер наводно го информирал германскиот пратеник за „Тиранската платформа“ и за протестите на „За заедничка Македонија“.

Како што објави „Дојче веле“, од минатата година, 39-годишниот Цех е на чело на Управниот одбор на компанијата „ФармКан“ (PharmCann Deutschland AG) и со неа е тесно поврзан со одгледување канабис во Македонија. Партнер на Цех во Скопје му е Златко Кесковски, поранешен заменик-директор на УБК и шеф на обезбедувањето на експретседателот Борис Трајковски. Кесковски е шеф на Надзорниот одбор на „ФармКан Германија“, и има лиценца за одгледување канабис во Македонија.

Освен оставката на Цех, партијата на канцеларката Ангела Меркел веќе изгуби тројца пратеници поради обвинувањата дека биле замешани во корупциски скандал во договори за набавки на медицински маски.