Германски „Ауди“ ќе стане дел од Формула 1 од 2026 година

фото: José Pablo Domínguez на Unsplash

Германскиот производител „Ауди“ ќе се приклучи на Светскиот шампионат во Формула 1 (Ф1) од сезоната 2026 како снабдувач со погонски единици, соопштија од Формула 1.

Најавата доаѓа откако на почетокот од месецов беа објавени новите регулации за погонските единици, дизајнирани за да им овозможат на „новодојденците“ да се приклучат на спортот на натпреварувачко ниво.

Погонските единици од 2026 година ќе ја задржат актуелната архитектура на моторот со внатрешно согорување V6, но ќе имаат зголемена електрична моќност и 100 отсто одржливи горива, два фактора за кои „Ауди“ рече дека биле клучни за неговото приклучување.

„Ауди“, кој е дел од групацијата „Фолксваген“, додаде дека ги поддржува и плановите на Ф1 да биде поодржлив и поекономичен спорт, преку ограничување на трошоците за производителите на погонски единици воведени во 2023 година и поставувајќи цел да емитува нето нула јаглерод до 2030 година.

„Среќен сум што можам да му посакам добредојде на „Ауди“ во Формула 1, иконски автомобилски бренд, пионер и технолошки иноватор. Ова е голем момент за нашиот спорт што ја истакнува огромната сила што ја имаме како глобална палтформа која продолжува да расте“, изјави Стефано Доменикали, претседател и извршен директор на Ф1.

Од „Ауди“ изјавија дека до крајот на годинава ќе ја објават одлуката за тоа со кој тим ќе се постават во 2026 година.

Објектот на „Ауди Спорт“ во Нојбург ќе биде местото каде што ќе се развива погонската единица, што претставува прво градење на нова Ф1 погонска единица во Германија по повеќе од една деценија.