Германската министерка за одбрана Кристине Ламбрехт поднесе оставка. Тоа се случува кога Берлин е под зголемен притисок да дозволи испорака на борбени тенкови од германско производство во Украина, пренесе Би-би-си.
Таа, беше критикувана за неуспехот да ја предводи обновата на вооружените сили во Германија во позадината на војната во Украина.
„Денеска побарав од канцеларот да ме разреши од функцијата федерален министер за одбрана“, изјави Ламбрехт, која доаѓа од Социјалдемократската партија.
Канцеларот Олаф Шолц се наоѓа под притисок да ја зголеми воената помош за Украина, со цел да ѝ помогне во војната која што ја започна против неа Русија минатата година.
Ламбрехт беше обвинета дека не успеала брзо да ја врати германската војска во форма, иако за тоа беше одобрен специјален фонд од 100 милијарди евра. Долготрајната дебата за состојбата на германските одбранбени способности се засили минатиот месец, кога неколку тенкови „пума“ се расипаа за време на воена вежба.