Германија има потреба од нови 400.000 квалификувани работници секоја година

Photo by Christian Wiediger on Unsplash

Работната сила во Германија се намалува. Потребни ни се 400.000 доселеници годишно, односно многу повеќе отколку во претходните години, почнувајќи од негуватели, преку техничари за климатизација, до логистичари и факултетски образовани луѓе, насекаде ќе има недостиг од квалификувана работна сила, вели Детлеф Шеле, шефот на Сојузната агенција за вработување на Германија за весникот „Зиддојче цајтунг“.

Како што пренесува „Дојче веле“, поради демографскиот развој, уште оваа година бројот на потенцијални работници во типично работоспособна возраст во земјата ќе опадне за 150.000, а во следните години ќе биде уште подраматично.

Според Шеле, Германија може да го реши проблемот на пример со тоа што ќе врши оспособување неквалификувани работници и преквалификација, а оние кои не по своја волја работат со ограничено време, ќе бидат ангажирани на полно работно време, или пак ако во земјата се донесат нови доселеници.

„Но, овде не станува збор за азил, туку за целно доселување заради пополнување на празнините на пазарот на труд“, појаснува тој.