fbpx

Германија и Словачка против раздвојување на Северна Македонија и Албанија во евроинтеграциите

-

По серијата изјави на еврокомесарот Оливер Вархеји дека е можно Северна Македонија и Албанија да бидат раздвоени во процесот за нивно пристапување кон ЕУ, со спротивставување излегоа германскиот министер за Европа Михаел Рот и словачкиот министер за надворешни работи Иван Корчок, преку нивните Твитер-профили.

„Германија ја поддржува целта на португалското претседателство со ЕУ да се одржи првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија во јуни. Двете земји ги испорачаа бараните реформи – сега мора и ЕУ да испорача. Понатамошното одложување ги поткопува кредибилитетот на ЕУ и стабилноста на регионот“, напиша Рот, како реакција на изјавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за Еуроњуз дека Брисел би можел да ги почне пристапните преговори со Тирана, ако Скопје и Софија не изнајдат заеднички прифатливо решение за историскиот спор.

Шефот на дипломатијата на Словачка, Корчок, на својот Твитер-профил го ретвитна Рот и во посебен пост порача дека кредибилноста на политиката на ЕУ за проширување зависи од отфрлањето на ветото (од Бугарија н.з.) во Европскиот Совет.

„Кредибилна политика за проширување на ЕУ сега би била отфрлање на ветото во Советот, кој треба да го признае напредокот на Северна Македонија и Албанија. Одржувањето на меѓувладините конференции со двете земји требаше одамна да се случи“, напиша Корчок.

„Дојче Веле“, исто така, пренесувајќи повеќе написи, сугерира дека во Брисел се размислува поинаку од исказите на Вархеји.

„Дали еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји ‘солира’ со изјавите дека Северна Македонија може да заостане во процесот на проширување на ЕУ доколку не изнајде компромис со Бугарија за историскиот спор?“, прашува „Дојче Веле“.

Оттаму потсетуваат дека и порталот Политико кој редовно информира за случувањата во Брисел, како и дописникот на Волстрит Џурнал цитираат „високи функционери“ на Европската комисија кои велат дека не се подготвува одвојување на интегративниот процес на С. Македонија и Албанија.

Синоќа преку Твитер се јави дописникот на Волстрит Џурнал од Брисел, Лоренс Норман, кој повикувајќи се на висок функционер на ЕУ, тврди дека ставовите на Вархеји отстапуваат од позицијата на Европската комисија.

„Не подготвуваме раздвојување“, велат од ЕК, напротив, додаваат дека Комисијата поддржува брзо отворање на преговорите со двете земји.

Политико се повикува на висок функционер кој експлицитно ги демантирал изјавите на Вархеји веднаш откако тој ја дал изјавата за Еуроњуз.

„Од Комисијата следуваше експлицитен одговор: Службите не подготвуваат никакво раздвојување, вели висок функционер, сугерирајќи дека унгарскиот комесар можеби е премногу добро поврзан дома, каде што поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски, го доби она што Унгарија го нарекува азил, откако беше осуден на две години затвор за злоупотреба на службената положба“, пишува Политико, пренесува Дојче Веле.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нови 46 нови случаи на пертусис, од нив 9 се хоспитализирани

Во периодот од 12 до 18 април, пријавени се 46 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 4,5 отсто споредено со претходниот седмодневен период, информира одделот за епидемиологија...