Photo by Alana Harris on Unsplash

Официјален Берлин побара примена на новиот механизам на ЕУ за санкции поради кибер напади, во врска со хакерскиот напад на ИТ системот на Бундестагот (германскиот парламент) во 2015 година. Ова ќе биде прв случај на активирање на механизмот на ЕУ усвоен во 2017 година, јави Германската новинска агенција, а нападот на Бундестагот пред пет години е дефинитивно најголемиот напад што оваа институција го доживеала, пренесува „Дојче Веле“.

Германската влада поднела официјален предлог до ЕУ да спроведе санкции против поединци од Русија коишто стојат зад нападот на Бундестагот, и тоа е првиот случај некој да побара спроведување на вакви санкции од ЕУ. Официјален Берлин е уверен дека руското државно разузнавање стои зад нападот од 2015 година, кога, според проценките, од компјутерските системи на Бундестагот се извлечени отприлика 16 гигабајти податоци, документи и електронски писма, меѓу кои и илјадници писма од канцеларијата на германската канцеларка Ангела Меркел во Бундестагот.

Во мај државниот правобранител на Германија издал потерница против рускиот државјанин Дмитриј Бадин, за кој има „сериозни сомненија“ за нападот и кој „е член на групата APT28“. Германија верува дека во нападот биле вклучени и хакери од руското воено разузнавање ГРУ. Потоа, на 3 јуни, владата на Германија, според написите „дала опсежен предлог за санкции во рамките на механизмот на ЕУ, со обемен пакет докази кои произлегуваат од резултатите на германските истражни органи, од разузнавачки информации и од јавно достапни информации“. Предлог е на разгледување кај другите земји-членки на ЕУ, а досега нема одлука.