„Специјалниот ополномоштеник за Западен Балкан, Турција и за државите на ЕФТА, д-р Ернст Рајхел, на 28 октовмри 2015 година го покани на разговор македонскиот амбасадор во Берлин, Сашо Марковски, во Министерството за надворешни работи, за да му ги пренесе разочарувањето и загриженоста на сојузната влада за имплементацијата на спогодбата од Пржино, која сè уште изостанува“, соопштуваат од германската амбасада во Скопје.

Во соопштението на амбасадата се наведува дека „како и петте амбасадори во својата изјава од 27 октомври во Скопје, д-р Рајхел исто така истакна дека ВМРО-ДПМНЕ мора да ја покаже потребната волја и најбрзо што може конструктивно да ги спроведе спогодбите од 2 јуни и од 15 јули 2015 година“.

„Целта на Договорот е да се создадат еднакви шанси за сите партии за претстојните избори, пред сè, преку спроведување на препораките за реформи содржани во таканаречениот Прибе-извештај. Понатамошно неспроведување ќе има последици врз оценувањето на земјата од Европската комисија во претстојниот извештај за напредок“, стои во соопштението на германската амбасада.

Оттаму додаваат дека Рајхел, исто така, нагласил дека СДСМ мора и понатаму да се однесува конструктивно и да се придржува до обврските преземени со Договорот од Пржино, „особено да не објавува понатамошни снимки од телефонски разговори“.