Герила акција: Мраз на жешките плочки ги потсети скопјани на глобалното затоплување

Герила акција за подигање на свеста за климатските промени. Фото: Центар за современи уметности, 11 август 2021

„Ако на овој мраз му требаат 6 часа да се истопи, колку време ќе им треба на глечерите да се стопат?“. Со ова мото, Центарот за современи уметности – Скопје, организираше герила акција со истурање мраз на плоштатката кај Порта Буњаковец, во обид да ја крене свесноста за последиците од неодговорното користење на ресурсите од страна на човештвото и за климатските промени што доаѓаат како последица.

„Идејата на оваа акција е на едноставен начин на граѓаните да им се покаже колку брзо се топи мразот на високите температури и да ги потсетиме дека еднакво како што мразот се топи на врелиот скопски асфалт истото се случува и со поларните глечери за кои се проценува дека доколку не се превземат драстични мерки целосно ќе се стопат до крајот на овој век, а нивото на морето ќе се крене за 2 м. Со овие климатски промени милиони луѓе ќе бидат приморани да ги напуштат своите домови а милиони хектари обработливо земјиште повеќе нема да може да се обработува. Kлиматските промени се реалност и се почесто ги чуствуваме на сопствената кожа, веќе не е прашање дали ќе се случат туку какво ќе биде нивното влијание и во колкава мера ќе ја погодат планетата Земја и каква ќе биде состојбата во Македонија. Оваа врела година иако не директно, сепак индиректно заради екстремно малата количина врнежи и екстремните температури од над 45 степени во многу земји, особено во Јужна Европа и Северна Америка се случуваат најжестоките и најголемите шумски пожари во поновата историја, додека истовремено делови од Западна Европа ова лето со соочија со поплави и количини на врнежи од над 200 литри на квадратен метар за еден ден, незабележени во прецизните метеоролошки извештаи кои со векови наназад се водат во Западна Европа“, велат од Центарот за современи уметности.

Од таму посочуваат и на актуелните проблеми со коишто се соочува земјава – шумите и водата кои за жал се сериозно загрозени (илегална и прекумерна сеча, подметнати пожари, мали проточни хидроцентрали кои го уништуваат биодиверзитетот).

Акцијата е финансиски поддржана од Фондацијата отворено општество Македонија.