Извор: Скриншот од објавените резултати од изборната комисија

Според најновите резултати од пребројувањето на гласовите објавени од Централната изборна комисија (ЦИК) на Бугарија, објавени во 9:30 часот по бугарско време (8:30 по македонско), води партијата на досегашниот премиер Бојко Борисов, ГЕРБ, која има 24,88 отсто од гласовите, според обработени 54,63 отсто гласачки ливчиња. ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, пак, сè уште не знае дали ќе влезе во парламентот. Резултатите се неофицијални.

Веднаш по оваа партија е „Има таков народ“ на ТВ водителот и музичар Слави Трифонов, со 18,74 отсто од гласовите. Оваа партија е една од најновите партии во Бугарија но бргу постигна огромна популарност, и е едно од најголемите „изненадувања“ во изборните резултати, а истото се случи и со неколку нови политички групации, кои освоија значително висок број на гласови. Сепак, „изненадувањето“ и не е толку големо изненадување, оти анкетите прогнозираа дека гласачите ќе се ориентираат во голем дел кон поновите иницијативи.

Партијата на Трифонов со четири проценти води пред Бугарската социјалистичка партија (БСП), која со децении е речиси постојано една од најголемите политички сили во Бугарија. По социјалистите, следува „Демократска Бугарија“ со 10,53 отсто, а Движењето за права и слободи (ДПС) има 8,99 отсто од гласовите „Исправи се! Мутрите надвор“ (Мутра е израз за крупни, физички силни и ниско интелигентни криминалци и организации) има 4,98 отсто од гласовите, а ВМРО на Красимир Каракачанов има 3,55 отсто од гласовите.

Според бугарски „Дневник“, изборните резултати зборуваат дека едно од најверојатните сценарија за иднина се нови парламентарни избори, оти идниот парламент би требало да има најмалку шест партии, но можностите за создавање коалиција се многу слаби.

За избор на нова влада се потребни 50 отсто плус еден глас од 240 пратеници, односно 121 пратеник. Но, под услов ВМРО да влезе во парламентот (цензусот е 4 отсто), заедно со досегашниот партнер ГЕРБ имаат 80 гласа, а ДПС со 30, сепак не може да издејствуваат формирање владина коалиција. Она што го прави речиси неверојатно оформувањето влада е ветувањето на Слави Трифонов дека нема да прави коалиција со ГЕРБ, БСП и ДПС, а ако неговата партија „Има таков народ“ направи коалиција со „Демократска Бугарија “ и „Исправи се! Мутрите надвор“, би имале вкупно 87 гласа, пишува „Дневник“ според бројките и анализите на „Алфа Рисерч“.

Премиерот и лидер на ГЕРБ кој освои најголем број на пратенички места, но сепак околу 20 помалку од претходните избори, се обрати на Фејсбук синоќа, повикувајќи на широка коалиција и експертска влада до декември.

„Јас ви предлагам мир. Ви предлагам да ги поставиме експертите, да ги поставиме луѓето и да направиме за Бугарија до декември максимални напори да излеземе од пандемијата и да тргнеме нагоре. Тогаш веќе сè ќе е јасно… Ајде да видиме дали можеме да се обединиме во името на државата. Досега велевте дека народот нè не сака, ве сака вас. Многу ми е драго што толку многу партии влегуваат во парламентот затоа што ме мрзи да бидам одговорен. Наместо да се расправаме кој е поголем, да размислиме дали овие последниве 8 месеци од годината не можат да се консолидираат. Ако немаме стабилна политичка ситуација, бидете сигурни дека ништо нема да се случи“, рече Борисов.