fbpx

ГЕРБ со предност во промили пред коалицијата на поранешниот премиер Кирил Петков

Најреномираната социолошка агенција во Бугарија појаснува дека не може јасно да се прогнозира победникот, односно шансите се разликуваат за едвај процент

-

Пет политички партии ќе влезат во идниот парламент на Бугарија, при што двете најсилни политички сили – Коалицијата ГЕРБ-СДС на некогашниот премиер Бојко Борисов и Продолжуваме со промената (ПП) – Демократска Бугарија (ДБ), која беше главниот фактор во последната коалициска влада на Бугарија, се речиси изедначени во изборните шанси. За крајниот резултат на парламентарните избори во недела решавачко ќе биде гласањето во Софија, пишува бугарскиот онлајн медиум mediapool.bg.

Презентирајќи ги резултатите од анкетата на национално ниво направена од „Алфа Рисерч“, најреномираната социолошка агенција во Бугарија, mediapool.bg пишува дека не може јасно да се прогнозира победникот, односно шансите се разликуваат за едвај процент, а пак кампањата на партиите не успева да мотивира поголем број гласачи да излезат пред кутиите в недела.

Така, резултатите од испитувањето на јавното мислење спроведено во периодот 25 – 29 март говорат дека предноста на ГЕРБ-СДС (Граѓани за европска Бугарија – Сојуз на демократските сили) има само половина процент предност пред ПП-ДБ. Во бројки, првите имаат поддршка од 25,9 отсто од оние што се цврсто решени да гласаат в недела, наспроти 25,4 отсто за вторите.

Уште потесна е разликата во прогнозите за третото и четвртото место – Движење за права и слободи (ДПС) има 13,8 отсто доверба, наспроти националистичката и проруска „В’зраждане“ (Преродба) на Костадин Костадинов има 13,6 отсто доверба од гласачите. Со тоа всушност, оваа националистичка партија го има најголемиот раст на доверба постигнат во последните три и повеќе години, кога во Бугарија се одржаа пет парламентарни избори и сепак не се создаде стабилна политичка влада што ќе може да истурка барем една година мандат.

На петтото место е Бугарската социјалистичка партија (БСП), која има 8,2 отсто доверба.

Тоа се петте партии или коалиции за коишто завршната анкета на „Алфа Рисерч“ заклучува дека ќе влезат во 49-от состав на бугарскиот парламент.

Сите останати партии на анкетата се пласирале под цензусот од 4 отсто од гласовите за влез во парламентот, но изненадувања се сепак можни, па „Блгарски взход“ (Бугарски напредок) и „Левицата“ имаат шанси да го надминат цензусот, но само ако успеат да ги убедат своите гласачи сепак да отидат на гласачките места, смета „Алфа Рисерч“.

Социолошката агенција нагласува дека заморот од претходните излегувања пред гласачките кутии, разочараноста и нервозата на гласачите од непродуктивноста на последните неколку парламентарни состави ги прават многу несигурни нивната ориентација и однесување при заокружувањето на ливчињата.

Така, изборните кампањи на партиите успеале да ја сменат одлуката само на секој деветти гласач, а 13 отсто од анкетираните во периодот 25 – 29 март рекле оти не знаат дали ќе излезат на гласачките места или не. Само 39 отсто рекле дека сигурно ќе гласаат, а 49 отсто рекле дека сигурно нема да излезат да гласаат.

„Резултатите од изборите ќе зависат во голем степен од тоа колку ќе се мотивираат да гласаат и како ќе гласаат жителите на Софија“, рече Геновева Петрова од „Алфа Рисерч“ во гостување на Бугарската национална телевизија (БНТ).

Петрова вели и дека формирањето влада од вака прогнозираниот парламент со пет политички формации ќе биде дури и потешко отколку претходниот случај, пренесува mediapool.bg.

Инаку, анкетата е спроведена во периодот 25 – 29 март, со 1.013 полнолетни граѓани од целата земја, со директно интервјуирање, и е постигнат стратифициран репрезентативен примерок.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нови 46 нови случаи на пертусис, од нив 9 се хоспитализирани

Во периодот од 12 до 18 април, пријавени се 46 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 4,5 отсто споредено со претходниот седмодневен период, информира одделот за епидемиологија...