Според прелиминарните резултати, центар-десната партија ГЕРБ, под водство на поранешниот премиер Бојко Борисов, победи на парламентарните избори во Бугарија, кои се одржаа вчера. Но, таа ќе мора да бара коалициски партнер за да формира влада, пренесува Ројтерс.
По повеќе од 99 отсто пребројани гласови, ГЕРБ освоила 26,42 отсто од гласовите. Потоа, реформистичката партија „Продолжуваме со промените“ (ПП) се најде на второто место со 14,31 отсто, а ултранационалистичката проруска партија „Вараждане“ беше на трето место, со 13,41 отсто од гласовите.
Изборите беа седми во последните четири години. По масовните протести против корупцијата во државата во 2020 година, политичките партии во Бугарија континуирано не успеваат да формираат стабилна коалиција, поради што има толкав број на избори – во 2021 година се одржаа два парламентарни избори во три месеци.
Борисов утрово им се заблагодари на гласачите за нивната поддршка и рече дека со ГЕРБ ќе формира нова влада.
„Ќе соработуваме со сите освен со ‘Вараждане’“, рече тој.
Но, резултатите на изборите не се фундаментално различни од изминатите избори, кои не резултираа со стабилни влади. Воедно, граѓаните на Бугарија стануваат сè поапатични во врска со изборниот процес. На последните избори, во јуни, само 34 отсто од гласачите излегле да гласаат – најниската стапка од првите слободни избори во 1990 година. Дополнително, само 10 отсто од гласачите имаат доверба во изборниот процес. Во споредба, во просек, 60 отсто од граѓаните во Европа имаат доверба во изборниот процес на својата држава.