Архивска фотографија | Извор: Општина Гази Баба

Општина Гази Баба носи Детални урбанистички планови (ДУП-ови) согласно Генералниот урбанистички план (ГУП) и согласно законите и површините наменети за загадувачка индустрија, наспроти шпекулациите, не се зголемени, туку се намалени, порача градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски на денешната прес-конференција.

„Не, сосема спротивно. ДУП-от предвидува намалување на Г1 индустријата за 30 проценти, или, ако сакате, за околу 100 хектари се намалуваат површините под загадувачка индустрија, се зголемува за 60% делот на заштитно зеленило во рамки на оваа зона кое повеќе никогаш не може да биде трансформирано во друга намена, освен зеленило, и треба да биде заштитен појас. Чиста шпекулација е дека во Гази Баба ќе се продава земјиште кое ќе се намени за изградба на фабрика за преработка на отпад. Иако е точно дека сме размислувале за тоа, се уште ништо конкретно не е одлучено“, уверува тој, велејќи дека освен таа тешка индустрија што веќе постои, во рамки на комплексот Железарница, урбанистичките планови не содржат нови површини за таква намена.

Во однос на гигантскиот деловно-станбен комплекс на плацот на поранешниот Скопски Саем, градоначалникот на Гази Баба рече инвеститорот сепак ќе плати помалку комуналии, но ќе мора самиот да ја изгради патната инфраструктура. Георгиевски претходно поднел предлог до Советот на општина Гази Баба целосно да се ослободи инвеститорот од плаќање комуналии, но потоа го повлекол.