Употребата на изразот „наводен геноцид“ е форма на негирање или доведување во прашање на правно утврден историски факт. Геноцидот во Сребреница е правно утврден од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (ICTY) и Генералното собрание на ОН, кое во 2024 година ја усвои Резолуцијата за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница, пренесува Вистиномер.

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Фериде Мухиќу, не ти доликува да даваш изјави за наводниот геноцид во Сребреница, приказна која ја форсира Дивиот Запад, кога ти лично беше учесник во идентитетскиот етноцид на Македонскиот Народ, кој те прими и те прифати како најсвој!

Геноцидот во Сребреница не е „наводен“ ниту е „приказна што ја форсира Дивиот Запад“, туку историски факт. Геноцидот во Сребреница е правно утврден од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (ICTY) и Генералното собрание на ОН, кое во 2024 година ја усвои Резолуцијата за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница. Оттука, употребата на изразот „наводен геноцид“ е форма на негирање или доведување во прашање на правно утврден историски факт.

Не е точно ниту тоа што се сугерира во објавата, дека квалификацијата „геноцид“ е политичка конструкција на „Западот“. Правната квалификација не произлегува од политички ставови, туку од пресуди на меѓународни судови донесени по долгогодишни судски постапки со обемна доказна постапка.

И Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) и Меѓународниот суд на правдата (МСП) заклучија дека делата извршени во Сребреница во 1995 година за време на поширокиот конфликт во Босна и Херцеговина (1992–1995), претставуваат геноцид. Беа судени 20 лица за злосторства извршени во Сребреница во јули 1995 година. Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали – нешто што преостанува откако ќе заврши главниот процес или дејство; преостанати појави, супстанции или ефекти – заклучи дека масовните убиства на мажи и момчиња од босанските муслимани претставуваат кривично дело геноцид.

Вкупно 16 лица, вклучувајќи високи функционери како што се Радислав Крстиќ, Ратко Младиќ и Радован Караџиќ, беа осудени за злосторства извршени во Сребреница. Работата на Трибуналот беше клучна за изведување на сторителите пред лицето на правдата и за почитување на меѓународното право.

Геноцидот во Сребреница е едно од најсуровите злосторства извршени на европско тло по Втората светска војна и останува трајно предупредување за тоа што може да се случи кога светот не успева да дејствува да го спречи злосторството. Како што рече поранешниот генерален секретар на Обединетите нации, Кофи Анан:

Трагедијата на Сребреница засекогаш ќе ја прогонува историјата на Обединетите нации (…) Не можеме да ја поправиме оваа трагедија, но од витално значење е да се научат и применат вистинските лекции во иднина.

Геноцидот во Сребреница се случи во јули 1995 година кога повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња во и околу градот Сребреница беа убиени за време на војната во БиХ. Главното злосторство беше извршено од единици на Армијата на босанските Срби на Република Српска под водство на Ратко Младиќ, иако учествувала и српската паравоена единица Скорпиони. Покрај тоа, 25.000 до 30.000 Бошњаци, главно жени и деца, биле малтретирани и насилно иселени од Сребреница. Масакрот претставува прв правно признат геноцид во Европа од крајот на Втората светска војна.

Меѓутоа, поимот геноцид во случајот со Сребреница не е политичка квалификација форсирана од Западот или од кого било друг, туку правна квалификација донесена од независни меѓународни судови врз основа на докази. Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (ICTY) водеше повеќе судски постапки во текот на речиси две децении. Во тие постапки беа сослушани стотици сведоци, разгледани илјадници документи, анализирани форензички докази од масовни гробници, утврдена командната одговорност на повеќе лица.

Врз основа на овие докази, Трибуналот заклучи дека убиствата на повеќе од 7.000 бошњачки мажи и момчиња по падот на Сребреница претставуваат геноцид.

Со тврдењето дека геноцидот во Сребреница е „приказна која ја форсира Дивиот Запад“ се создава лажен впечаток дека станува збор за политички наратив, а не за правно утврден факт. Квалификацијата „геноцид“ не произлегува од политички декларации на западни држави, туку од пресуди на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и Меѓународниот суд на правдата, донесени по обемни судски постапки и анализа на голем број докази. Затоа, ова тврдење е неточно.

Во делот од објавата околу Ферид Мухиќ – универзитетски професор, филозоф и независен пратеник  во Собранието на РСМ кога се случи упадот во Собранието на 27 април 2017 – терминот „идентитетски етноцид“ не е правна квалификација во македонското или меѓународното право, ниту, пак, постои судска или официјална одлука со која е утврдено дека Мухиќ извршил или учествувал во такво дело.

Во јавниот дискурс, зборот „етноцид“ понекогаш се користи метафорично за да се опишат политики кои, според нечие мислење, го загрозуваат националниот или културниот идентитет. Но, тоа не значи дека станува збор за утврден факт. Кога некој ќе тврди дека одредена личност е „учесник во етноцид“, потребно е да понуди конкретни и проверливи докази што го поткрепуваат таквото обвинување. Во оваа објава такви докази нема.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар