Генеративна вештачка интелигенција отсега и на пребарувачот на „Гугл“

Гугл беше под притисок да претстави свои понуди и услуги со генеративна вештачка интелигенција по успехот на ривалскиот четбот ChatGPT, инаку финансиран од „Мајкрософт“

Photo by Pawel Czerwinski on Unsplash

„Гугл“ објави дека воведува генеративна вештачка интелигенција на својот главен пребарувач, следејќи го потегот на „Мајкрософт“ кој го вгради четботот GPT-4 во својот пребарувач Бинг.

Би-би-си пренесува дека, според компанијата, функцијата „Search Generative Experience“ – која ќе биде дел од Гугл – ќе создава одговори на отворени прашања.

„Гардијан“ пишува оти со ова, Гугл се обидува да ја врати својата круна како лидер во развојот на вештачката интелигенција со „PaLM 2“ (Палм 2) јазичниот модел за кој компанијата вели дека ги надминува другите водечки системи за одредени задачи.

Системот е во експериментална фаза и засега ќе биде достапен само за ограничен број корисници.

„Ги реконструираме сите наши основни производи, вклучително и пребарувањето“, рече Сундар Пичаи, шеф на матичната компанија зад Гугл, „Алфабет“ на настан на кој ги претстави новитетите.

Компанијата соопшти и дека ја отстранува листата на чекање за четботот Бард, кој ќе биде достапен на англиски јазик во 180 земји и територии.

Гугл беше под притисок да претстави свои понуди со генеративна вештачка интелигенција по успехот на ривалскиот четбот ChatGPT, инаку финансиран од „Мајкрософт“.

Кинескиот технолошки гигант „Баиду“, има исто така свој четбот, наречен Ерни.