Криминал, алкохол и дрога во најпопуларните песни помеѓу младите, македонските инфлуенсери внимаваат што промовираат

скриншот од видео
Фото: скриншот од видео запис на YouTube

“Zbog nje valjo bi ko Pablo, samo da joj kupim sve” (Поради неа би продавал дрога како Пабло, само за да ѝ купам сè)

“Jedva stoji na nogama, svu noć miješala alkohol je sa drogama” (Едвај стои на нозе, цела ноќ мешаше алкохол со дроги)

Ова се дел од текстовите на најпопуларните песни од соседството, а кои се слушаат и во нашата држава. Стиховите дадени во првиот пример се дел од текстот на песната насловена „Пабло“ од изведувачите Буба Корели, Јала Брат и Милан Станковиќ. По самиот наслов, но и во извадокот, може да се забележи дека во песната станува збор за колумбискиот криминалец Пабло Ескобар, познат како најмоќниот трговец со дрога во ’80-тите и ’90-тите години. Помалку познато е дека со проблемите на кои наидувал, тој се справувал со убивање, па така, се смета за одговорен за убиствата на неколку илјади луѓе, меѓу кои и голем број на полицајци и владини претставници. Но, овој факт не спречува песната во која се глорифицира колумбискиот наркодилер, за само неколку денови да има повеќе од 9 милиони прегледи и преслушувања.

Новата поп-рап, хип-хоп, но и трап музика, неретко во видео спотовите на песните промовира и одреден начин на облекување, однесување, брзо возење, пиење алкохол и користење психотропни супстанци. Видеата на песните кои доаѓаат од соседството во одредени случаи имаат и по неколку десетици милиони прегледи на платформата Јутјуб. До овие видеа може да дојде секој кој има пристап до интернет. Иако дел од овие содржини, Јутјуб ги забранува за лица под 18 години, сепак до истите може да стигне секој кој ќе креира профил со лажна година на раѓање, односно секој кој ќе се претстави како полнолетно лице.

Така, до видео спотовите и до текстовите на песните многу лесно доаѓаат и тинејџерите. Уште повеќе, ваквиот вид музика доминира во музичкиот избор на младите луѓе, но и во однесувањето. Во периодот пред да бидат затворени ноќните клубови поради пандемијата на коронавирусот, речиси во секој град во државата за време на викенд можеа да се слушнат вакви и слични рефрени.

Во видео-записите се промовира одреден начин на облекување и однесување / фото: скришот од YouTube

Во потрага по начинот на кој овој музички жанр стана доминантен и најслушан помеѓу младите генерации, но и потенцијалниот импакт кој врз нив можат да го имаат вредностите што се промовираат во песните и видеата, Мета.мк разговараше со неколку лица кои се познати помеѓу младите и со тоа имаат влијание врз нивното секојдневие.

Дарко Јефремов, на социјлната мрежа Инстаграм e познат како @darkovlogs и во моментов има речиси 90 илјади следбеници. Според него, музика во која се промовира алкохол и дрога имало и порано, но тогаш таа музика била прашање на избор, додека денес слушањето на истата е неизбежно. Вели дека сето тоа оди на штета на квалитетните изведувачи и дела.

Darkovlogs
@darkovlogs / фото: лична архива

„И јас бев млад и слушав Еминем, D12, 50 Cent, САФ, Чиста Околина, Урбана Димензија, Спирт и така натаму. И тогаш како и сега се пеело за дрога, жени и пари, но тогаш сето тоа беше underground, се преснимуваа касети за вокмен, подоцна се спушташе mp3 верзија за да не купуваме оригинални цедиња од американските рапери. Слушањето на овој стил музика беше избор, ако сакаш да ја слушаш ќе мора да се помачиш да ги најдеш траките, што е тотално спортивно од денес. Со YouTube и мал маркетинг, сега секој може да стане познат“ изјави Јефремов за Мета.мк.

За музиката немаш избор, додава тој. 2020-та е, Snoop Dogg е досаден и стар, па затоа е тука сега 6ix9ine и неговите контроверзни спотови, каде што гледаноста и популарноста доаѓа од децата што имаат целосен пристап до интернет, тие деца го гледаат спорот по 1000 пати, затоа што е кул да гледаш како некој се преправа дека е мафијаш со пари, дрога и жени, додека ние повозрасните го гледаме ‘порното со добра музика’ еднаш, вели Јефремов.

Тој вели дека на овој начин, овој тип на песни стануваат популарни, а останатите артисти залудно се трудат да успеат со квалитетни дела, бидејќи како што вели тој, за младината тоа е досадно.

Јутјуберот и инфлуенсер Иван Ајнштајн се согласува дека ваквите теми отсекогаш биле актуелни во рап музиката. Според него интернетот може да се искористи позитивно во случајов, затоа што денес младите со пристап до интернет можат лесно да се информираат кое е добро, а кое лошо однесување.

„Како рап артист, особено ми е мило што рап музиката конечно успеа да најде начин да биде чуена од мнозинството. Можеби е потребно уште време да биде разбрана во целост, но потешкиот предизвик е совладан. Јас слушам рап буквално од моја најрана возраст, кога не ни разбирав што е тоа музика. Така сум пораснал и сум сведок на еволуцијата на овој жанр како основа и експериментирањето на комбинации со други жанрови за конечно да се најде ’совршен’ стил на музика што ќе им се допадне на поголема група на луѓе.  Секогаш прво се земам себе за пример. Еве некои стихови од моето детство:

Место еден грам дај ми планини бели
со цевче во носот ќе ги шмркнам цели’
( САФ – Мис Стоун)

Отсекогаш овие теми биле актуелни во рап музиката, вели тој. Денес децата, благодарение на интернетот, се далеку поинформирани од мојата генерација и многу полесно можат да дознаат што е добро да се прави, а што не, смета Иван Ајнштајн.

Ivan Ajnstajn
Иван Ајнштајн / фото: лична архива

Тој додава дека уметниците треба да имаат слобода при творењето и дека вината за евентуалното лошо однесување на децата не треба да се префрла на нив.

„Ако на уметник му забраниш да твори слободно, е како да си му отсекол рака. Уметниците се тие што одбираат дали ќе компензираат за евентуално подобар пласман на нивното дело. При секое објавување на каква било содржина на YouTube, задолжително е да се одбере дали таа содржина е направена за деца или не. Доколку се одбере дека е за деца, а сепак има вознемирувачки теми, YouTube спроведува соодветни санкции. Се согласувам дека родителите имаат потешкотии при воспитувањето на нивните деца во вакво општество, но сметам дека немаат право да им се мешаат во џебот на артистите“ појаснува младиот инфлуенсер.

Сашо – Пијан и Млад; Владо Јаневски – Црно Тиквешко; Нови Дечки – Забава до Бесвест, се само дел од песните кои беа популарни кога јас бев тинејџер, посочува Иван, а очигледно промовираат алкохол.

„Никој тогаш не креваше фама за потенцијалното лошо влијание на ваквата музика врз младината. Целата разлика е во тоа што денес се обрнува премногу внимание на тоа и музиката се доживува како примарен воспитувач, затоа што најлесно е да се префрли вината на некој друг“, додава Иван.

Инстаграм и Јутјуб денес се „најфреквентните“ апликации каде младите лица поминуваат голем дел од своето време. Токму овде вредностите кои се промовираат во песните и видеата стануваат тренд. Јефремов смета дека и покрај штетните содржини кои неретко можат да се сретнат на апликациите, постојат македонски инфлуенсери кои се насочени кон промоција на вистински вредности, но проблем е како младите истите да ги препознаат.

„Ќе кажам само дека има многу инфлуенсери во Македонија што правилно и информативно делуваат кон својата публика, пример @doctor.goran знае и да ве насмее и професионално да ви објасни медицински прашања, исто и @annstojanova со нејзините фитнес планови ги мотивира девојките да живеат здрав живот, но и други што делуваат позитивно на својата публика. Има и други ‘инфлуенсери’ што со сила градат публика, со копирање на други познати личности, со глумење и преправање дека знаат се во животот, е тие ‘инфлуенсери’ се оние кои штетат на младата публика“ истакнува Јефремов.

Тој вели дека постарите генерации веднаш ги распознаваат личностите што се карактеризираат како инфлуенсери, за разлика од помладите, кои веднаш се потпираат на бројот на следачи кои ги имаат инфлуенсерите.

„Јас сум камионџија, јас не се сметам за инфлуенсер, јас преку мојот стил на живот кој го пренесувам преку сторињата се обидувам да им дадам на младите да имаат цел во животот. Јас сум оној тип на карактер што паднал на дното многу пати заради општеството и околностите, сум стегнал заби и сум тргнал за подобро утре за мене и за моите, или едноставно, ако јас сум успеал, ќе можат и моите следачи“, додава darkovlogs.

Иван Ајнштајн се согласува дека треба да се внимава што се објавува на социјалните мрежи, каде се искажуваат креативноста и различностите.

„Секоја социјална мрежа си има свои правила што смее, а што не смее да се објавува. Сè додека сите се придржуваат до тие правила, ниедна објава не би требало никому лошо да влијае. Затоа, секој артист го пласира својот производ на социјална мрежа која е соодветна за него и публиката што ја таргетира. Јас секогаш се трудам да бидам оригинален, создавајќи дела што различни луѓе различно би ги протолкувале. Сметам дека во тоа е убавината на уметноста“, вели Иван Ајнштајн.

Лицата кои се популарни на социјалните мрежи имаат огромно влијание врз развојот и градењето на личностите на младите луѓе, сметаат експертите.