fbpx

Гасоводниот прстен околу Скопје е завршен, но гасот до граѓаните ќе стигне 2021 година

-

Во текот на минатата година ја завршивме секундарната мрежа, односно гасоводниот прстен околу Скопје, со цевката го преминавме дури и Вардар, од Карпош 4 кон Влае, рече денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на панел-дискусијата „Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност за подобра животна средина“ што се одржуваше во хотелот „Холидеј ин“.

За Градот Скопје, додаде Шилегов, важно е да се влезе во процесот на терцијална гасификација, односно, достапност на гасот до домаќинствата.Тој потенцираше дека дел од производствените и индустриските капацитети се префрлени на природен гас, а префрлени се и сите топлани.

„Градот го основаше правниот субјект „Градски енергетски системи“, кој претендира да биде носител на енергетската политика на градот, и тоа во двата сегмента – во развојот на топловодната мрежа и нејзиното проширување и во развојот на гасификациската мрежа. Во градот има три топловодни мрежи кои опфаќаат делови од Центар, Аеродром, Карпош, Кисела Вода, Чаир, Гази Баба и Бутел, но не се споени. Тоа е предизвик кој допрва ни претстои. Има и делови од општините Карпош, Чаир, Бутел, Гази Баба и Кисела Вода, како и општините Ѓорче Петров, Шуто Оризари и Сарај каде што е економски неисплатливо да ја прошируваме топловодната мрежа и токму во тие делови треба да навлеземе со терцијалната гасификација. Станува збор за густо населени подрачја каде што има индивидуално домување“, објасни Шилегов.

Тој додаде дека Градот Скопје е на став дека терцијалната гасификација мора да ја води градот и за нив јавно-приватно партнерство не е прифатливо.

„Искуствата кои ги имаме на Балканот зборуваат дека при јавно-приватно партнерство се бара поврат на инвестицијата во првите десет години, а првите десет години не се инвестициски циклус. Ако Градот Скопје или единиците на локална самоуправа не се креатори на енергетските политики може да ни се случи развојот на гасификацијата да се одвива во делови каде што веќе имаме топловодна мрежа. Тоа би бил поевтиниот начин за развој на гасификацијата, но погрешен начин, ако се има предвид дека како држава би требало да ни биде приоритет намалувањето на аерозагадувањето и доведувањето на евтин енергенс до што е можно поголем број корисници“, нагласи Шилегов на денешната трибина.

На прашање на „Мета“ до директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи кога најрано гасот може да дојде до граѓаните на Скопје, тој рече дека тоа ќе биде крајот на наредна година и почетокот на 2021 година.

„Мислам дека работите се движат во права насока и јас верувам дека тоа ќе биде брзо. Крајот на наредна година и почетокот на 2021 год, дистрибутивната мрежа ќе почне масовно да се гради, и не само во Скопје, туку истовремено во целата држава“, рече Реџепи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...