Дали енергетската иднина Македонија треба да ја темели на гасификацијата како што форсирааат политичарите или транзицијата треба да биде насочена кон други извори на енергија, разговаравме со професорот д-р Невен Дуиќ од Загрепскиот универзитет, експерт по енергетски системи и обновливи извори кој деновиве престојуваше во Скопје.
Иако Македонија не планира нови термоцентрали, таа засега се потпира на нив. Гасификацијата е најспасоносното еколошко решение кое политичарите ни го нудат.
– Гасот е транзициско енергетско решение, но транзицијата е при крај. Европската инвестициска банка пред некој ден објави дека повеќе нема да финансира проекти поврзани со гасификација после 2021. Гасот во изминатите 20 години требаше да го замени јагленот, но не да се користи за греење, зашто гасот за греење не е воопшто добро решение од позиција на енергетска ефикасност. Тој нема емисии на честички, но, уште подобри се централизираните топлински системи кои не произведуваат штетни ПМ-честички, а од друга страна тие лесно се прилагодуваат на обновливи извори и најдобри се кога користат отпадна топлина од некои енергетски процеси. Значи, доколку се користи гас, тој треба да се користи во когенерации, загревањето на домовите да биде со вишокот топлина од тие когенерации (когенерација=топлинската енергија која се појавува како нус-продукт во процесот на добивање на електрична енергија со согорување на различни енергенси, н.з.) а струјата да се користи за балансирање. Ветерот и соларната енергија се енергенси на иднината.
Ова звучи како далечна иднина во Македонија, каде се уште се сечат шуми за да се гасифицира. Дали уште некаде во Европа се гасифицира?
– Тоа е сосем сигурно погрешна логика во овој момент. Тука постои силен политички притисок за гасификација, иако е тоа пропадната технологија во која, во овој момент, е многу погрешно да се инвестира, оти за 20 години ќе треба таа инфраструктура да се вади. Погледнете го примерот со Холандија која беше земја каде 90 проценти од популацијата се грееше на гас, лани го забрани загревањето со гас во новите градби, Велика Британија од 2025 година ги забранува бојлерите на гас. Значи, одиме кон вадењето на гасоводната мрежа бидејќи таа нема иднина, а кај вас гасот насила се турка како некакво решение од кое ќар имаат само увозниците на гас! Го имаме примерот на Хрватска каде што каде и да е дојден гасот, луѓето одбивале да се приклучат. Скоро е гасифицирана Далмација и за среќа, народот се спротивставува, никој не сака да се приклучи на гасоводната мрежа, и сега тоа е една огромна пропадната инвестиција. За поблага клима, инвертерите се одлично и поекономично решение, а сосема добро решение се и топлинските пумпи. Јас во мојот стан во Загреб го исклучив гасот и си го ставив тоа.
И уште ќе бидеме зависни од увоз на гасот…
– Апсолутно, а колку што јас знам, Македонија плаќа највисока цена за увоз на гас во Европа!
Гледајќи во која насока се движи развиениот свет, Македонија со својата зависност од јагленот се чини заглавена во 19. век. Дали е толку скапа транзицијата која треба да не внесе директно во 21. век?
– Во овој миг Македонија се наоѓа на крстопат кога мора да реши како понатаму. Кое решение и да го избере, имајќи предвид дека електраните и се во прилично лоша состојба, таа транзиција ќе чини. Едноставно не може повеќе да се живее на темел на инвестициите направени во времето на социјализмот. Но, сите пресметки покажуваат дека е далеку поевтино да се тргне во транзиција кон обновливите извори сега, и да се прескокнат погрешните инвестиции кои само ќе ве вовлечат во загуба подоцна. Треба и малку привремено да се вложи во поправање на постојните електрани, додека не се заврши процесот на транзиција со намера за десетина години да се изгаснат.
Жолчна е дискусијата околу ефектите кои малите хидроцентрали што се градат на последните чисти планински реки во Македонија и на Балканот воопшто, упорно подметнувајќи ги како „обновлив ресурс“ за производство на енергија. Колкав е ефектот на малите ХЕЦ, а колкави се штетите?
– Споредете два вида обновливи извори на енергија, да речеме хидро и ветер, ветерна турбина од, да речеме, 40 мегавати во Богданци, која работи 2.000 часа годишно и мала ХЕЦ исто од 40 мегавати, која, поради намалениот проток на вода во реките работи 2.000 часа годишно. За столб ви треба постамент од 10 со 10 метри, а морате да водите сметка и дали на тоа подрачје има некој заштитен вид на птици, според ЕУ директивите. Ако направите ХЕЦ на река која пред тоа била негибната, вие со тоа комплетно сте ја уништиле реката. За да изградите голема ветерница, во Европа ќе ве чини 30 евра по мегаватчас, во Македонија – 60 евра за мегаватчас, а се сомневам дека имате ХЕЦ која е поевтина од 100 евра по мегаватчас. Досега главно веќе се изградени ХЕЦ на сите реки каде што тоа било економски исплатливо. Хидроелектрани кои се проточни, односно не се изградени на акумулации имаат мал ефект на енергетскиот систем.
Кој е најисплатлив енергетски систем за Македонија, соларни панели или нешто друго?
– Соларната енергија, чијашто цена за инвестирање е доста падната и изнесува околу 40 евра па се до 15 евра за мегаватчас за поголеми проекти, апсолутно има смисол во Македонија. Значи далеку поевтина од јагленот, или од нуклеарната од Белене за која размислувате е трипати поевтина! Толку е исплатлива што веќе имате тендери за соларни панели со нулта субвенции, па дури инвеститорите прифаќаат и тие да и плаќаат на државата за да можат да произведуваат струја од фотоволтаици! Апсолутно е значи исплатливо да се праваат големи проекти за фотоволтаични централи каков што е случајот со Осломеј, каде ќе се користи земјиште веќе уништено од термоцентралата, но се исплаќа и градење на покривите. Цената на струја во Македонија е се уште релативно ниска, што ја намалува исплатливоста на таквите проекти, но јас предвидувам дека за максимум пет години во Македонија ќе биде исплатливо да се поставуваат фотоволтаици на покривите. За полесна транзиција веќе сега би требало да се почне со стимулативни субвенции за граѓаните и компаниите кои сакаат да користат фотоволтаици и имаат поголеми покривни површини.
Електричните автомобили, се чини, уште долго нема да бидат дел од нашата реалност…
– Постои мислење дека тие се прескапи за Балканот, но сетете се дека ние главно купуваме половни автомобили од Запад, каде тој пазар рапидно расте и за некои пет години тие секако ќе се прелеаат во овие краишта, а за тоа мора да почне да се гради соодветна инфраструктура.