Гаши лани се сретнал со Османи како лидер на партија, а не сега како претседател на Собранието

Тврдењето дека Гаши во својство на претседател на Собранието се сретнал со косовската претседателка не е точно. Тој се сретнал со Османи, но во 2023 година и тоа во својство на лидер на партија, поради што и македонското знаме не било истакнато

Фото: Принтскрин, собраниски канал

Тврдењето дека Гаши во својство на претседател на Собранието се сретнал со косовската претседателка не е точно. Тој се сретнал со Османи, но во 2023 година и тоа во својство на лидер на партија, поради што и македонското знаме не било истакнато, бидејќи не станувало збор за официјална посета на државно ниво. Ширењето на оваа манипулативна објава, веројатно била инспирирана од објавата на претседателката на Косово, Вјоса Османи на социјалната мрежа Икс од 28 мај 2024 година, кога таа му го честитала изборот на Гаши за претседател на Собранието, при што ја искористила фотографијата од нивната средба во 2023 година, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава која тврди дека Африм Гаши ја реализирал својата прва посета како претседател на Собранието во Косово, на средба со тамошната претседателка Вјоса Османи и дека на средбата не било истакнато македонското знаме. Ова е погрешно.

Бисер по бисер – гердани. А уште не станале асолно ни власт. Допрва што ли не’ чека, стои во објавата.

Објавата споделува и фотографија од средба на Гаши и Османи на која го нема македонското знаме и во чијшто опис пишува:

Прва средба на македонскиот претседател на Собранието Африм Гаши со косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу. Каде е македонското знаме?

Вистиномер ја разгледа официјалната Фејсбук страница на спикерот на парламентот Африм Гаши, но ваква фотографија, откако тој е избран за претседател на Собранието, не најдовме.

Ги разгледавме и Фејсбук страницата на Собранието, како и официјалната веб-страница на Собранието. И таму не најдовме информација дека спикерот остварил официјална посета на Косово и дека се сретнал со косовската претседателка.

Фотографијата ја пребаравме на Гугл и откривме дека таа е од 6 февруари 2023 година, кога Африм Гаши во својство на лидер на Алтернатива се сретнал со претседателката на Косово Вјоса Османи.

Гаши тогаш бил придружуван од тогашниот потпретседател на Собранието, Хисни Исмаили, министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, и пратеничката Сафије Садики Шаини.

Во името на Алтернатива, тогаш Гаши ја истакнал поддршката на Северна Македонија за евроатлантските интеграции на Република Косово.

Фотографијата и веста за посетата е објавена на фејсбук страницата на Африм Гаши, како и на официјалната веб-страница на Алтернатива.

Значи, тврдењето во објавата дека Гаши во својство на претседател на Собранието се сретнал со косовската претседателка не е точно. Тој се сретнал со Османи, но во 2023 година и тоа во својство на лидер на партија, поради што и македонското знаме не било истакнато, бидејќи не станувало збор за официјална посета на државно ниво.

Ширењето на оваа манипулативна објава, веројатно била инспирирана од објавата на претседателката на Косово, Вјоса Османи на социјалната мрежа Икс од 28 мај 2024 година, кога таа му го честитала изборот на Гаши за претседател на Собранието. Во објавата, Османи за честитката ја искористила фотографијата од средбата со Гаши од 2023 година.

Честитки до штотуку избраниот претседател на Собранието на Северна Македонија Африм Гаши и посакуваме да има многу успеси на оваа важна позиција! Албанците од Северна Македонија одиграа клучна улога во формирањето на Северна Македонија како држава и во нејзиното градење како држава. Тие се денес клучни придонесувачи за нејзината европска перспектива. Нашите држави имаат одлични меѓусоседски односи, засновани врз заемна почит, пријателство и соработка, гласи честитката од Османи која е објавена на социјалната мрежа Икс, заедно со заедничката фотографија од средбата во 2023 година.

Поради сето погоре, објавата ја оценуваме како погрешна.