Во време на политичка криза, потребно е да се има стратешка визија, оцени британскиот амбасадор Чарлс Гарет на својот „блог“, одговарајќи на реакциите на неговите предвидувања во рамки на кампањата на Амбасадата на Велика Британија „Македонија 2027“.

Гарет денеска појасни дека неговите предвидувања, дека Македонија за 10 години ќе биде успешна европска земја, лидер на Балканот, со решен спор за името и во преговори со ЕУ, не се нешто за кое може да биде 100 проценти сигурен и дека се малку преувеличени.

„Блогот намерно е малку нереален. Ако сте го гледале „Ла ла ленд“, ќе знаете за што зборувам. За жал, ги нема филмската музика и танцувањето. Но, како и „Ла ла ленд“, се обидов да прикажам малку нереално сценарио за да направам сериозна поента. Разговорите што го имав неодамна, се чини, сите беа фокусирани само на тоа што денеска се случува и што треба да се направи утре. Со други зборови, многу краткорочни. Сепак, исто така е точно дека политичката криза е токму моментот кога најмногу треба да имаме стратешка визија. Мојот блог едноставно беше начин да придонесам кон таа поширока дебата каде Македонија се движи“, вели Гарет во новиот запис.

Тој наведува дека одѕивот на кампањата бил фантастичен и граѓаните имале различни погледи за иднината на Македонија, но оти повеќето од ставовите се совпаѓаат со стратешките цели на земјата, а тоа се членство во ЕУ и во НАТО.

„Како и во мојот оригинален блог, некои идеи изгледаат нереалистични, малку како „Ла ла ленд“. Сепак, како што и во поговорката, изгледа невозможно сè додека не се направи. Им благодарам на сите за нивните повратни одговори и што одвоиле време да ги прочитаат блогот. Којзнае, можеби еден ден Велс и Македонија ќе соработуваат за зелена енергија, Македонија ќе биде пример за владеење на правото, а светот ќе комуницира со апликација изработена во град во Македонија. Зошто да не? #Macedonia2027 #Македонија2027 #Maqedonia2027 “, стои на крајот од записот на Гарет.

Во првичниот блог за Македонија во 2027 година, Гарет „храбро“ предвиде дека тогаш премиер би била жена, земјата веќе членка на ЕУ и на НАТО и со решен спор за името.

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на твитер се подбиваше со блогот на Гарет порачувајќи му: „Се покажа во сегашноста, па се зафати и со иднината“.