Средбата на Путин со највисокиот државен врв и шефовите на тајните служби во 2016 година; Извор на фотографија: Веб-страница на Претседателот на Руската Федерација

Лондонскиот весник „Гардијан“ објави ексклузивни документи кои сугерираат дека Русија на почетокот на 2016 година започнала таен мулти-агенциски напор да се замеша во американската демократија. Наводно, рускиот претседател Владимир Путин лично одобрил тајна шпионска операција за поддршка на „ментално нестабилниот“ Доналд Трамп на претседателските избори во САД во 2016 година, за време на затворената седница на Рускиот совет за национална безбедност, според документите што „протекоа“ од Кремљ, а ги објави британски „Гардијан“.

Клучната средба се одржала на 22 јануари 2016 година, се вели во документите, на која присуствувал рускиот претседател Путин заедно со шефовите на тајните служби и водечките министри.

Тие, наводно, се согласиле дека Белата куќа со Трамп на нејзино чело ќе помогне во обезбедувањето на стратешките цели на Москва, а меѓу нив и „социјалните превирања“ во САД и слабеењето на преговарачката позиција на американскиот претседател.

„На три руски шпионски агенции им е дадена наредба да најдат практични начини да го поддржат Трамп, со декрет кој го носи потписот на Путин“, пишува „Гардијан“.

Извештајот подготвен од стручниот оддел на рускиот претседател препорачал Москва да ја користи „целата можна сила“ за да обезбеди победа на Трамп.

Се разбира дека западните разузнавачки агенции, како што вели „Гардијан“, биле свесни за документите неколку месеци и внимателно ги испитувале. Документите, до кои имале увид британските новинари, се чини дека претставуваат сериозно и крајно невообичаено протекување на документи од Кремљ.

Кремљ ги одрекува објавените документи. Портпаролот на рускиот претседател Путин, Дмитриј Песков, кога бил контактиран од „Гардијан“ одговорил оти идејата дека руските лидери се состанале и се согласиле да го поддржат Трамп на состанокот на почетокот на 2016 година е „одличнa евтина приказна“.

Документот со број „32-04“ е класифициран како тајна и во него, наводно стои дека Трамп од гледна точка на Москва е најперспективниот кандидат на американските претседателски избори во 2016 година. Во самиот документ постоела и кратка психолошка проценка на Трамп, кој наводно е опишан како „импулсивна, ментално нестабилна и неурамнотежена индивидуа која страда од комплекс на инфериорност“.

Исто така, во документот е наводно посочено дека Кремљ поседува потенцијално компромитирачки материјал за кандидатот за претседател, кој бил собран од претходните „неофицијални посети на Трамп на територијата на Руската Федерација“.

Инаку, несомнено е дека состанокот се одржал во јануари 2016 година – и дека бил свикан внатре во Кремљ.

„На официјалната фотографија на оваа пригода, се гледа Путин на чело на масата, седнат под знамето на Руската Федерација и двоглавиот златен орел. Тогашниот премиер на Русија, Дмитриј Медведев присуствувал заедно со министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров“, пишува Гардијан.

Присутни биле и Сергеј Шојгу, министер за одбрана задолжен за ГРУ, руската воена разузнавачка агенција; Михаил Фрадков, тогашен началник на руската СВР странска разузнавачка служба; и Александар Бортников, шефот на шпионската агенција ФСБ. Николаи Патрушев, поранешниот директор на ФСБ, присуствувал и како секретар на Советот за безбедност.

Инаку, документот до кој дојде „Гардијан“ не ја именува Хилари Клинтон, ривал на Трамп од 2016 година. Исто така, во него е предложено да се користат медиумски ресурси за да се поткопаат водечките американски политички фигури.

Како што пишува „Гардијан“, постојат параграфи во документот за тоа како Русија може да вметне „медиумски вируси“ во американскиот јавен живот, што може да станат самоодржливи и репликативни на самите себе.

„Тие ќе ја променат масовната свест, особено кај одредени групи“, наводно се вели во документот.

Путин постојано ги негираше обвинувањата за мешање во западната демократија. Документите се чини дека се спротивни на ова тврдење. Тие сугерираат дека претседателот на Руската Федерација, заедно со неговите шпионски офицери и високи министри, биле вклучени во една од најважните и најхрабрите шпионски операции на 21-от век: „заговор за помош да се стави „ментално нестабилниот“ Трамп во Белата куќа како претседател на САД“, заклучува „Гардијан“.