По повод Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста на злосторствата врз новинарите, британската амбасадорка Рејчел Галовеј посочи дека иако е подобрена состојбата со медиумите во земјава, нема судска разрешница на ниту еден од случаите на напади врз новинарите кои се случија годинава.

„Слободата на медиумите на глобално ниво е во состојба на опаѓање, кое само се забрза за време на пандемијата со ковид-19. Новинарите и медиумските организации ширум светот се соочуваат со ограничувачки закони и казнени законски мерки“, вели амбасадорката Галовеј.

Таа додава дека е забележано значително опаѓање на безбедноста на средините што им овозможуваат на медиумските професионалци да си ја вршат својата работа.

„Тие страдаат од физичко насилство, вербално вознемирување и убиство, честопати неказнето. Последица на ова заплашување е самоцензурата, што е директна пречка за квалитетното новинарство“, вели Галовеј.

Таа напоменува дека е задоволна што во Северна Македонија, состојбата на медиумите е подобрена во споредба со 2017 година. Медиумската клима е генерално погодна за промоција на слободата на изразување и овозможува критичко известување, но сè уште постојат предизвици.

„Нападите, особено против жените новинарки, се зголемија. Од јануари до денес, имало 14 напади врз новинари – во споредба со 2019 година кога имало само 4. Ниту еден од нив досега не постигнал судска разрешница“, потенцира Галовеј.

Таа смета дека независните и квалитетни медиуми се борат да преживеат комерцијално и зависат од меѓународните донатори.

„Само-регулирањето на медиумите и професионалното, етичко новинарство е клучно во борбата против дезинформациите и лажните вести, кои се пропагираат од портали на интернет, многу од нив поддржани и од надворешни извори. Овие проблеми се рефлектираат и на глобално ниво а предизвиците не може да се игнорираат“, вели амбасадорката.

Како што додава таа, од оваа причина е основана Коалицијата на министри за слобода за време на првата Глобална конференција за слобода на медиумите што се одржа во Лондон во 2019 година.

„Тоа е партнерство на земји кои работат заедно и се залагаат за слобода на медиумите и безбедност на новинарите и бараат одговорност од тие што им наштетуваат на новинарите за вршење на нивната работа“, вели Галовеј додавајќи дека коалицијата ги вклучува Обединетото Кралство и Северна Македонија, кои ја потпишаа Глобалната заложба за слобода на медиумите, писмена обврска за подобрување на слободата на медиумите на домашно ниво и заедничка соработка на меѓународно ниво. Сега посилна за 37 земји, Коалицијата е уникатно соодветна за адресирање на постоечките и новите закани по слободата на медиумите ширум светот.

„Обединетото Кралство е голем поддржувач на Северна Македонија во овие непредвидливи времиња за да го заштити овој основен столб на демократијата и слободните општества. Ние ќе продолжиме да се залагаме за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите и ќе бараме одговорност за оние што ги повредуваат новинарите”, вели амбасадорката Галовеј.